Унгарските власти ги сменија шефовите на метеоролошката служба откако погрешно беше објавено лошото време, што предизвика одложување на големиот огномет, јавува Би-би-си.
„Најголемиот огномет во Европа“ беше закажан за сабота навечер во Будимпешта, на денот на Свети Степан, унгарскиот национален празник. Планирано е да се лансираат 40.000 парчиња пиротехника од 240 точки на пет километри долга оддалеченост долж Дунав.
Но, на седум часа пред почетокот на церемонијата, Владата го одложи за следната недела поради лошите временски услови.
На крајот времето остана стабилно, поради што беа сменети директорот и заменик директорот на метеоролошката служба.
Метеоролошката служба во неделата се извини за погрешната прогноза, велејќи дека „најмалку веројатно“ сценарио се остварило и дека неизвесноста е составен дел на метеорологијата.
Министерот за иновации, Ласло Палковиќ, сепак, во понеделникот ги разрешил службениците во таа служба, пишува Би-Би-Си.