Украинскиот парламент усвои контроверзен закон за медиуми кој вклучува далекусежни овластувања на Националниот совет за радиодифузија. Меѓу другото, во одредени случаи може да блокира и онлајн медиуми за еден месец.
Украинскиот парламент во вторникот усвои контроверзен закон за медиуми кој вклучува далекусежни овластувања на Националниот совет за радиодифузија, објавија странските новински агенции. Меѓу другото, советот сега може да блокира онлајн медиуми на 30 дена во случај на повеќекратно прекршување на правилата, без судска одлука за ова.
Половина од осумте членови на украинскиот совет за радиодифузија ги именува претседателот, а половина од Парламентот. Трајните забрани и одземање на лиценците за медиуми се уште се можни само преку судовите, но дури и судовите во Украина не се сметаат за независни, наведува германската новинска агенција ДПА.
„Со донесувањето на новиот закон за медиуми се спроведува клаузулата за приближување на националното законодавство од аудиовизуелната област кон европското законодавство“, соопшти во вторникот Советот за радио и телевизија. Ова беше едно од барањата за Украина откако во јуни ѝ беше доделен статус на кандидат за членство во ЕУ. Тесно двотретинско мнозинство гласаше за промена на законодавството за медиумите.
Причината за донесување на законот е прилагодување на новите технички можности
Една од причините за усвојувањето на новиот закон е прилагодувањето на новите технички можности на ерата на Интернет. Покрај телевизијата, радиото и печатените медиуми, законот сега се однесува и на онлајн медиумите.
Уште пред руската инвазија, украинскиот претседател Володимир Зеленски затвори некои телевизиски станици кои се сметаа за проруски и нареди да се блокираат одредени веб-страници за вести, заобиколувајќи ги сите законски процедури.
По почетокот на војната, Украина ја ограничи и дистрибуцијата на вести на каналите контролирани од политичкиот противник на Зеленски и поранешен претседател, Петро Порошенко. На листата на невладината организација Репортери без граници, која ги рангира земјите според слободата на печатот, Украина е на 106-то место од 180.