Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска ги повика членките на НАТО да му го дадат на Киев сето оружје што му е потребно за борба против Русија.
– Мојата агенда е многу едноставна. Во неа има само три точки. Тоа се оружје, оружје и оружје – изјави Кулеба пред новинарите пред состанокот со министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.
– Ги повикувам сите сојузници да ги остават настрана своите колебања и неподготвеноста да ѝ обезбедат на Украина сè што ѝ треба – рече тој.
– Најдобар начин да ѝ се помогне на Украина е да ѝ се обезбеди на земјата се шт о ѝ е потребно за да го стави рускиот претседател Владимир Путин на свое место и да ја порази руската армија – додаде тој.
Кулеба рече дека Германија може да направи повеќе во однос на испораката на оружје „со оглед на нејзините резерви и капацитети“ и дека донесувањето одлуки трае премногу долго.
– Додека Берлин има време, Киев нема – потенцираше Кулеба.
– Колку повеќе и побрзо Украина добива оружје, толку повеќе животи ќе бидат спасени и помалку градови ќе бидат уништени – рече тој.
Украина го повикува Западот да ги зголеми испораките на потешко оружје, вклучувајќи системи за противвоздушна одбрана, артилерија, тенкови и авиони, додека Москва ја пренасочува својата офанзива кон исток.