Притисоците врз Србија во наредниот период ќе бидат огромни и не само тоа, верувам дека ова е само почеток и дека ќе бидеме сведоци на целосно уништување на постојниот поредок, изјави вечерва претседателот на Србија, Александар Вучиќ во своето обраќање до јавноста, потенцирајќи дека очекува неколку политички стапици за земјата во наредниот период.
– Се обраќам до јавноста во најлошото расположение во последните 10 години. Кризата поради војната во Украина најдраматично ја погодува Србија. Не затоа што се грижат за Русија или Украина, тоа не ги засега некои во регионот, бидејќи тие прават сè што можат за да ја соборат Србија. Приштина веќе повикала за полноправно членство во НАТО и доби поддршка од Турција. Она што можам да предвидам е дека следната иницијатива ќе биде исклучување на Русија од Обединетите нации. Тоа би значело, а јас веќе гледам некои иницијативи во некои земји, затоа и го зборувам ова, како и поради тоа што ќе следи и како тоа го замислуваат Албанците во Косово… Тие планираат да одржат дискусија за исфрлање на Русија од ОН во наредните недели, врз основа на членот шест од Повелбата на ОН – рече Вучиќ.
Тоа, вели тој, дополнително значи дека ќе има отворен притисок врз Кина да ја смени резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, а потоа Србија веќе нема правна основа на која може да се повика на меѓународното право и да го зачува територијалниот интегритет, како што тоа го прави денес.
Вучиќ рече дека не ја исклучува можноста потоа да следи признавање на Косово од земјите на НАТО и ЕУ, кои досега не го направиле тоа.
Србија денеска ја поддржа резолуцијата на ОН и ја осуди руската инвазија.