Според РИА Новости, дваесет лица загинале, а девет се повредени во наводниот напад на украинските војници на Доњецк со проектил „Точка-У“, објави штабот за територијална одбрана на ДНР на каналот Телеграм.
Градоначалникот на градот, Алексеј Кулемзин, изјави дека ракетата била соборена во близина на зградата на Владата. Според шефот на Доњецката Народна Република, Денис Пушилин, во нападот се повредени и деца.
Спасувачите работат на местото на падот на делови од ракетата „Точка-У“ во Доњецк, а на настраданите им е укажана потребната медицинска помош, пренесува „Известија.ру“.
Заменик-шефот на Одделот на Народната милиција на Доњецката Народна Република (ДНР), Едуард Басурин, претходно изјави дека Вооружените сили на Украина (АФУ) го интензивирале гранатирањето на станбените населби во Доњецк и ги нападнале електричните мрежи и трансформаторите.