Туркије постави резервоар тежок 280 тони на длабочина од 2.200 метри во морето, кој ќе го собира црноморскиот гас што доаѓа од бунарите, операција која траеше 20 часа, пишува весникот „Јени Шафак“.
Претходно, весникот „Сабах“ информира дека Туркије ќе инвестира речиси 10 милијарди долари во проект за извлекување и пренос на 540 милијарди кубни метри гас од наоѓалиштето Сакарија во Црното Море. Првиот гас од наоѓалиштето се планира да влезе во Туркије во 2023 година. Проценетата вредност на гасот откриен во Црното Море е 400 милијарди долари.
„Гасот од Црното Море се приближи до копното. На длабочина од 2.200 метри во морето, во системот е инсталиран џиновски дистрибутивен резервоар од 280 тони кој ќе го собира гасот од бунарите и ќе го поврзе со главниот гасовод. 20-часовната операција беше спроведена со хируршка прецизност, за да се осигура дека резервоарот нема да се помести ниту сантиметар“, пишува весникот.
Екипите на Турската нафтена корпорација (ТПАО) деноноќно работат на гасното поле Сакарија, за кое се верува дека е најголемото откритие на природен гас во историјата на Туркије.
„Овој џиновски дистрибутивен резервоар „Печенек“, кој ќе собира гас од бунарите и ќе го поврзува со главниот гасовод, со брод е транспортиран од пристаништето до гасното поле Сакарија, каде што ќе биде пуштен во употреба. Тука џиновската опрема спуштена на морското дно со помош на специјални кранови и подводни роботи, беше поставена на местото со операција извршена со хируршка прецизност. Операцијата траеше околу 20 часа“, прецизира весникот.