Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска излезе пред Министерството за труд и социјална политика за да го изрази незадоволството од законските измени кои предвидуваат недела да биде работен ден во туристичките места и потсети на барањето за линеарно покачување на платите за работниците од јавниот сектор за 2 806 денари.
– Денеска ѝ се обраќаме на министерката да ги земе работите во свои раце, нас ни требаат фамилиите, нас ни треба одмор, и ние работниците сме од крв и месо и сакаме и ние тоа право да го уживаме. Ова докажува дека 2.806 денари во моментот поради зголемената ангажираност кој го овозможува овој Закон за трговија се неопходни сега веднаш, затоа министерке ви се обраќаме на вас уште утре во Владата да го поддржите предлогот за линеарно зголемување за сите работници како и враќање на изгубеното право регрес во јавниот сектор – порача претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Тој се повика на Законот за туризам, порачувајќи дека мора да се има предвид дека постојат ограничувања каде смее да се работи и во секторот туризам.
– Во Законот има поделба, се дели на езерски, планински, рурален и алтернативен туризам, Скопје како туристичка дестинација, стари чаршии и туристички атракции. Мора да знаеме дека не можат да работат сите, туку напротив, во него убаво пишува, тие кои ќе сакаат да не ангажираат, да си го прочитаат Законот за туризам и да знаат дека има ограничувања каде смее да се работи – изјави Димовски.
Пред Министерството излезе и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, со цел да ја изрази отвореноста за остварување средба со Сојузот на синдикати на Македонија.
Таа потенцираше дека цврсто стои зад правата на работниците и квалитетот на живот на сите работници.
– Ветувам дека како Министерство и како Влада цврсто стоиме зад социјалниот дијалог, најдобрите решенија треба да ги донесеме низ дијалог заедно со синдикатите бидејќи тоа е единствениот начин на кој треба да се бориме за правата на работниците. Ветивме дека ќе има подобрување на работничките права, ветивме дека ќе го започнеме социјалниот дијалог за носење на нов општ колективен договор и дека еднаш засегокаш ќе воспоставиме систем кој ќе гарантира постојан раст на платите на работниците во јавниот сектор. Ќе има општ колектривен договор кој ќе дава дополнителни права на работниците во јавниот сектор, меѓутоа не ад хок решенија кои не се системски решенија и не придонесуваат кон подобрување на правата на работниците – рече Тренчевска.
Таа додаде дека социјалниот дијалог ќе продолжи, и ги повика синдикалните претставници на средба.
-Ќе продолжиме заедно со вицепремиерот Битиќи и со министерите вклучени во социјалниот дијалог, и ќе продолжиме понатаму се додека не дојдеме до заедничко решение – појасни министерката.
Министерката истакна дека нејзина цел е воспоставување систем на плати кој ќе гарантира постојано зголемување на платите на работниците во јавниот сектор.
– Ад хок решенија, популистички мерки, не носат трајно решавање на проблемот. Како министерка за труд и социјална политика сум насочена на систем кој ќе функционира и нема да зависи ниту од волјата на ниту еден систем или Владата, туку ќе биде воспоставен систем кој ќе дава трајно решавање на проблемот со платите во јавниот сектор. Само така можеме да зборуваме за вистинска посветеност на работниците, се друго е популистичко решение кое само во моментот ќе даде решение – подвлече Тренчевска.
Димовски од друга страна и порача на министерката дека моменталните плати со кои како што рече „не се преживува“ не се решение во никој случај.
– Моментално решение со овие плати со кои не можеме да преживееме немаме. Затоа барам да не разбере министерката дека овие плати во моментот не ни се решение и не можеме да чекаме. Нас ни беше ветено 2 806 денари како едно, еве нека биде и ад хок решение, кое во моментот ќе ги амортизира овие ценовни шокови и оваа двоцифрена инфлација. Спремни сме за реформи, спремни сме за нова методологија, но платите мора да пораснат за 2 806 денари во износ, бидејќи времето не е на наша страна, ама не е ни на страна на Владата, бидејќи во септември согласно Законот за минимална плата треба истите да пораснат за 18,4 проценти – рече Димовски.
Тој оцени дека решението на нивните барањата може да се постигне многу лесно и тоа само со еден потпис.
– Ако е спремна Владата и не поддржува министерката како што вели за едно трајно решение, значи кажете ни во септември ќе ги покачиме платите согласно законот за 18,4 отсто за ние да знаеме како и што да правиме до септември и ќе им бидеме благодарни за тоа покачување од 18,4 проценти согласно законот. Доколку тоа го нема, решение немаме во моментот и бараме 2 806 денари, бараме враќање на регрес за јавниот сектор од 30 до 100 проценти од просечната плата и потпишување на општиот колективен договор. Проблемите се тие, се решаваат буквално за една минута со ставање на потпис мој и на министерката за труд и социјална политика – заклучи Димовски.
Министерката изрази надеж дека до септември ќе се изнајде заедничко решение со Синдикатот.
– Се надевам дека до септември ќе изнајдеме решение, ќе потпишеме општ колективен договор и ќе започнеме со процесот за подготовка на плата и нема да има потреба за вакви чекори од страна на Синдикатот. Меѓутоа, треба да го погледнеме и добро и Синдикатот и остантите, да ја погледнеме законската регулатива што вели во однос на Законот за минимална плата и усогласувањето на останатите плати – изјави министерката Тренчевска.