Лекарската комора на Македонија сѐ уште не ја ставила на дневен ред претставката за д-р Газменд Амзаи од Клиниката за хематологија која е поднесена за несовесно лекување што резултирало со смртен исход.
Анонимна претставка против д-р Амзаи, кој е и советник на министерот за здравство за кадровски прашања, Беким Сали, стасала до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој уште на 13 јули годинава иницирал стручен надзор до Лекарската комора.
– Во врска со случајот за кој се интересирате Ве информираме дека претставката е добиена од ДСЗИ. Побарано е комплетирање на документација и во наредниот период ќе биде ставена на дневен ред за разгледување на Комисијата за стручен надзор по што ќе биде донесена одлука за понатамошно постапување – ни одговорија од Лекарската комора.
Станува збор за 19-годишна девојка со ниско малигнен лимфом, за која има сомнеж дека починала како резултат на лекарска грешка и несовесно лекување. За случајот е извршен и вонреден инспекциски надзор.
– Извршен е вонреден инспекциски надзор на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, по добиена анонимна претставка за несовесно лекување и непочитување на современите медицински протоколи кај пациентка што резултирало со смртен исход. Извршен е увид во медицинската документација, која уредно се води и е инициран стручен надзор. Истовремено, одговорното лице е задолжено со решение да ја спроведе мерката свикување состанок на Комисијата за квалитет, која ќе изврши проценка на медицинската постапка и ќе изготви извештај – објасни Ирина Бухова, поранешна директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Клиниката за хематологија постапила по решението и Комисијата за квалитет подготвила извештај кој го доставила до ДСЗИ.
Д-р Амзаи како кадар на политичката партија Алтернатива е новоназначен член на експертската Комисија за ретки болести, на Националниот комитет за хемофилија, како и на тендерски комисии кои одлучуваат за лекување пациенти.