Трговци со храна и горива најавија дека нема да продаваат леб и горива поради владината мерка за укината или намалена маржа. Дел од нив веќе размислуваат како да ги изиграат мерките за да обезбедат опстанок. Граѓани алармираат дека некои трговци ја ограничиле продажбата на одделни производи, а на одделни бензински пумпи нема гориво. Тие се жалат дека цените поради намалениот ДДВ веќе се намалуваат, но се повторно високи бидејќи деновиве трговците ги зголемија цените на производите за неколку проценти. Од Организацијата на потрошувачи каде што деновиве се зголемиле поплаките на граѓаните за однесувањето на трговците, велат дека за одделните случаи треба да се алармира инспекторатот. И владата најави зголемени контроли на пазарните инспектори.
Со стапување на сила на мерките за 0 отсто или намален ДДВ и намалена маржа, граѓаните денеска велат дека иако плаќаат пониски сметки поради тоа што ДДВ е намален, сепак цените на основните прехранбени производи освен лебот, се повисоки бидејќи во изминатиот период тие пораснаа.
– Стасавме до тоа дереџе што за да купиш поевтино треба да прошеташ повеќе супермаркети или продавници, а ако сакаш да купиш 3 исти производи нема да можеш бидејќи трговците одлучиле да ти продадат само две пакувања од ист производ. Не верував во тоа додека не отидов во еден од супермаркетите да земам 3 шишиња зејтин. Инаку, сѐ е поскапено и покрај тоа што како што рекоа, не се плаќа ДДВ за одделни производи, а за други има помала маржа. Еве, на пример, табла јајца беше 172, а сега е 225 денари, значи 40 денари повеќе. Говедското месо во некои продавници поскапе 80 денари, а во други 100 денари. Рибата која деновиве, поради постот, се троши повеќе има повисока цена за 10 до 15 денари. Брашното зависно од маркетот има повисока цена за 10 денари, а и зејтинот е поскап од 5 до 10 денари. Значи сѐ поскапе пред мерките, само платата остана иста – вели Никола А. од Ѓорче Петров.
Друг граѓанин вели дека во најблиското продавниче веќе не може да купи леб, бидејќи сопственикот на продавницата одлучил да не го продава, бидејќи нема заработка.
– Не купив леб, ама не купив ниту други производи денеска кај мојот комшија продавач. Вели не можел да троши работници и време да ги услужува муштериите со леб, бидејќи нема никаква заработка од него. Времето ќе го потрошам да услужам друг. „Извини комшија, му реков, ако нема леб, нема ниту друго да купам“. Така, сега одам во друг маркет каде што ќе ме услужат и со леб и со други производи – вели тој.
Од Организацијата на потрошувачи велат дека деновиве имаат зголемен број поплаки од граѓани за трговци кои не ги почитуваат мерките.
– Имаме поплаки за повлечени резерви, односно празни полици во објектите, потоа ограничен број пакувања од некои производи и за зголемени цени. Денеска има и за ДДВ. Сите граѓани кои ќе забележат вакво однесување на трговците треба да го известат Државниот пазарен инспекторат, кој е должен да направи увид во трговскиот објект и да преземе соодветни мерки, ако пријавата е точна – вели Мартина Грнчаревска од Организацијата на потрошувачи.
Препорака од Организацијата на потрошувачи е граѓаните деновиве да бидат повнимателни во однос на почитување на мерките посебно кај намалувањето на ДДВ.
Според одлуката на Владата, лебот, брашното и маслото за јадење треба да се продаваат без маржа, а кај другите производи маржата изнесува 3, односно 4 отсто (шеќерот, кравјото млеко, свежото месо, сирењето, урдата, македонскиот ориз, јајцата…).
Дел од малите трговци веќе ја намалија набавката на одделни прехранбени производи, бидејќи како што велат немаат пари да ги платат набавките бидејќи заработуваат помалку поради пониската или 0 маржа.
Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков, коментира дека при вакви мерки најмногу губи државата бидејќи се зголемува сивата економија.
– За жал, мерките се остварливи и добри на хартија, но во практика се применливи само кај големите трговци, кај малите тешко ќе може да дадат некаков ефект. Малите трговци во вакви услови кога нема да можат да егзистираат поради намалениот приход, посегаат по најразлични варијанти за снаоѓање во ситуацијата. При тоа на располагање им се две опции – да продаваат или да не продаваат. Што значи дека тие ќе треба да ги делат сметките или да не издаваат сметки за она што го продаваат. Тоа значи дека државата ќе губи со тоа што ќе се овозможи пораст на сивата економија – вели Бошков.
Владата најави засилени инспекциски контроли на трговските објекти и примена на високите казни и затворање на објектите кои нема да се придржуваат кон мерките.
За два дена казнети се над 30 трговски субјекти кои не ја почитувале владината мерка за намалување на маржата или не поседувале евиденција за одредени производи. Од нив, 8 заработиле казна од 7.000 евра за правното, плус 350 евра за одговорното лице, додека кај 12 маркети недостасувала евиденција за набавната и продажната цена, соопшти пазарниот инспекторат.
Оттаму додаваат дека за 2 дена, од кога стапија мерките на сила, направени се 162 контроли.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека ќе се применуваат и одредбите од законот за затворање на објектите до 1 година, ако кај трговците двапати се најде ист прекршок.
– Имајќи го предвид извештајот на ДПИ, Министерство за економија прати допис до Инспекторатот да го применуваат и да постапуваат и согласно Законот за потрошувачи. Таму е предвидено ако се повторат такви прекршоци инспекторите може да изречат и казна забрана за вршење дејност и до 1 година за нечесни практики кои се прават во трговијата посебно кога има одлуки на Владата – рече Бектеши.
Фото: МИА