Речиси 16.000 луѓе загинаа, а десетици илјади се повредени во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што во понеделникот ги погоди Турција и Сирија, покажуваат најновите податоци на официјалните лица на тие земји.Спасувачките тимови трагаат по преживеани на илјадници урнатини на згради, и покрај студеното време и по 125 последователни потреси во регионот.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган призна дека имало пропусти во државното управување на почетокот на трагедијата, но оцени дека ситуацијата сега е под контрола.
Во меѓувреме, западните санкции ги отежнуваат напорите за испорака на помош за Сирија.
Си-Ен-Ен објави дека, според официјалните податоци, најновиот број на загинати во двете земји е 15.865.
Во Турција, бројот на загинати се искачи на најмалку 12.873, соопшти турската агенција за управување со катастрофи.
Во Сирија има најмалку 2.992 загинати, од кои 1.730 се во областите под контрола на бунтовниците, објавија „Белите шлемови“.
Околу 1.262 смртни случаи се регистрирани во областите под контрола на сирискиот режим, објавија државните медиуми.
Хуманитарните агенции предупредија дека бројот на жртви само ќе расте, особено во Сирија, каде спасувачките тимови бараат преживеани во илјадници урнати згради и покрај многу студеното време и високиот ризик од последователни потреси.