Австралијците долго ќе го паметат хаосот што се случи во осмото коло од домашниот фудбалски шампионат на градското дерби меѓу Мелбурн Сити и Викторија.
Голманот на Мелбурн Сити, Том Гловер, доживеа наводен потрес на мозокот и расекотина на лицето откако навивач на ривалскиот клуб го удри во лицето со метална кофа за време на дивеење на теренот.
На Гловер му беа потребни конци за исекотина, а судијата Алекс Кинг, исто така, претрпе исеченица на десната веѓа за време на дивите и застрашувачки сцени кога навивачите на Викторија упаднаа на теренот.
Фудбалскиот сојуз на Австралија го опиша ова насилство како „шокантно“ и дека „за вакво однесување нема место во австралискиот фудбал“. Тие потврдија и дека веднаш ќе спроведат целосна истрага во која ќе бидат воведени строги санкции.
Навивачите на двата клуба фрлија бакли на теренот, но кога Гловер фрли два назад во зоната на навивачите на Викторија на северната страна, тоа предизвика бурни реакции со приближно 100 фанови на Викторија кои втрчаа на теренот и го опкружија Гловер. Тогаш навивач на Викторија грабнал метална кофа и му ја фрлил во лицето на голманот.