Руската победа во Украина би била лоша за сите во Европа и Северна Америка, зашто би испратила порака до авторитарните лидери дека сите цели можат да се постигнат со употреба на сила – изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, коментирајќи ја ситуацијата во Украина во интервју за американскиот магазин „Политико”.
Тој вели дека успесите на Киев на бојното поле не се можни без поддршката на НАТО и затоа е уверен дека Вашингтон ќе продолжи да испраќа воена и финансиска помош за Украина, бидејќи победата на Путин во Украина, исто така, би била катастрофа за Украинците.
Американските медиуми, повикувајќи се на неименувани извори, пренесуваат дека Пентагон планира да ѝ испрати на Украина нов пакет оружје и друга помош во вредност од 275 милиони долари. Од почетокот на војната со Русија до сега САД на Украина ѝ испорача оружје и друга опрема во вредност од речиси 18 милијарди долари.