На Русија не треба да и се дозволи да победи во војната во Украина, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, пренесуваат британските медиуми.
– Во наш интерес е овој вид на агресивна политика да не успее – рече тој во говорот пред партискиот подмладок на Работничката партија во неговата родна Норвешка.
Војната на Русија во Украина е напад на актуелниот светски поредок, посочи Столтенберг. Тој изјави дека Европа се наоѓа во „најопасната ситуација за неа од Втората светска војна“.
Столтенберг додаде дека доколку рускиот претседател Владимир Путин реши да направи нешто слично со земја од НАТО, тогаш целата Алијанса ќе одговори.
Генералниот секретар на НАТО говореше на состанокот на млади активисти организиран од Норвешката работничка партија на островот Јутоја, во областа Осло.