Српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ по седницата на Советот за национална безбедност изјави дека на претседателот Александар Вучиќ му предал дипломатски ноти од четирите земји кои го повлекле признавањето на Косово и дека Советот го овластил Вучиќ да ја информира јавноста за кои земји станува збор.
Селаковиќ рече дека Владата на Србија и Министерството за надворешни работи „ќе продолжат жестоко да се борат“ и ќе работат на повлекување на признавањето на Косово.
„Ние сме под притисок да го прифатиме нарушувањето на територијалниот интегритет, кршењето на меѓународното јавно право, правниот поредок, на наша штета. Американската влада преку соопштение од Стејт департментот, објавено по повод првата годишнина од Вашингтонскиот договор, јасно стави до знаење дека САД го сметаат договорот за валиден и ги повика Белград и Приштина да го почитуваат договорот. Со поднесувањето на апликацијата за членство на Косово во Советот на Европа, Приштина покажа дека не го почитува договорот, дадениот збор, како и позицијата на државата која беше домаќин на договорот, рече Селаковиќ.
Како што вели, на тој начин Приштина покажала дека нема намера да дојде до решение преку дијалог, туку се одлучила на едностран пристап.
„Преку работата на нашите безбедносни служби дојдовме до информации дека најмалку две големи земји работат на поддршка на Приштина за нови признавања и спречување на кампањата за повлекување на признавањата“, рече министерот за надворешни работи.