Семејствата и пријателите денеска тагуваат за децата и другите жртви на масовното злосторство во рурална област на североисточен Тајланд од отпуштен полицаец.
Најмалку 24 од 36-те лица убиени во пукотницата во малиот град Утаи Саван се деца и тоа е најголемиот масакр од ваков вид во историјата на Тајланд, пренесе агенцијата АП.
Претставници на Владата и на кралското семејство утрово положија венци на свеченост пред влезот на Центарот за детски развој. По нив, членовите на семејствата на загинатите положија цвеќе пред дрвената врата.
Многу роднини на загинатите се собраа пред центарот за згрижување деца за да започнат со процесот за добивање обештетување. На местото на настанот се испратени психолози за да им дадат поддршка.
Седум од десет ранети и денеска се во болници. Во текот на денот се очекува тајландскиот крал Маха Ваџиралонгкорн и кралицата Сутида да ги посетат ранетите, а премиерот Прајут Чан-оча ќе ги посети и детскиот центар и болниците.
Планирано е бдение во Централниот парк во Бангкок.
Полицијата шпекулира дека напаѓачот го избрал детскиот центар бидејќи објектот бил блиску до неговиот дом.
Убиецот е идентификуван како Пања Камрап (34), поранешен полициски наредник, кој беше отпуштен на почетокот на годинава поради обвинение за дрога и денеска требаше да се појави на суд.
Тој се самоуби откако дома ги убил сопругата и детето.