Советот на амбасадори изразува загриженост поради, како што наведува во реакција до медиумите – радикализација на политичките состојби во општеството со висок потенцијал на нарушување на меѓуетничките односи во земјата и смета оти „се добива впечаток дека одредени политички партии ги злоупотребуваат емоциите на граѓаните за сопствени политички цели дури и по цена на нарушување на мириниот меѓуетнички живот“.
– Признавајќи го уставното право на граѓаните да ги изразуваат нивните ставови и чувства преку демонстрации на мирен и достоинствен начин, Совет на амбасадори го осудува секој обид или форма на вандалско однесување на поединци или организирана група на демонстранти како што ги имаше во последните два дена на овие мировни манифестации – информира Извршниот одбор на Совет на амбасадори, наведувајќи дека внимателно го следи развојот на настаните поврзани со јавната дебата околу содржината на францускиот предлог за интеграција на земјава во ЕУ преку симнување на бугарското вето, како и протестите на граѓаните.
Совет на амбасадори посочува дека нема цел да ги стиггматизира политичарите или интелектуалците, а уште помалку, како што е наведено, граѓаните кои демонстрираат или ги подржуваат овие манифестации.
– Но, советот е против агресивните и ирационални испади, физички насилства кои имаат цел да ја дестабилизираат земјата или по пат на насилство да ја оневозможат интеграцијата на државата во ЕУ. Советот исто така е против лансирање на секој вид лажни вести со цел манипулација со јавното мислење, поттикнувањето на разни сценарија од странска провениенција, држејки се цврсто до нашата НАТО ориентација и ЕУ интеграција, пишува во реакцијата на Советот на амбасадори.
Оттаму апелираат на смиреност на граѓаните и на отворен дијалог и аргументирна расправа на претставниците на политичките партии во дебатите на Парламент и со претставниците на Владата.