More

    Следуваат социјални немири, на потег е владата

    spot_img

    Ќе има ли отпуштања од работа на половина од работниците и социјални немири во земјава поради тоа?

    Од 30 до 50 отсто од работниците во земјава ќе останат без работа доколку државата во најскоро време не излезе со конкретни мерки за помош на компаниите во време на криза, соопшти вчера кризниот штаб на Стопанската комора.

    Сојузот на синдикатите веднаш возврати дека тоа е уцена од компаниите, која ќе предизвика социјални немири. Експертите велат дека и покрај преувеличувањето на проблемот можни се и двете сценарија, ако владата не донесе вистински мерки.

    – Обично, застапувачите на капиталот ја преувеличуваат опасноста за да извлечат поголема корист за компаниите од државата, но опасноста од откази е реална, а реална е и најавата на ССМ дека ќе има социјални немири ако работниците останат без работа. Сè поизвесно е дека ќе има немири, какви што одамна не сме виделе во земјава, бидејќи и оние кои воопшто не помислиле да се приклучат на вакви активности сега ќе го направат тоа бидејќи ситуацијата е многу лоша – вели професорот Здравко Савески од Институтот за општествени науки,

    Според него, во вакви услови владата ќе мора да реагира и колку може да го ублажи тој удар со антикризни мерки.

    – Но, овие мерки не треба да бидат млаки како оние што ги најави во јуни. Кога зборуваме за мерки треба да се има предвид дека сме високозадолжена земја и не треба да посегаме по нови задолжувања, туку да ги искористи фискалните можности за да се обезбедат пари од сопствените ресурси. Еден од нив е да се подобри оданочувањето. Тука е добро да се зголемат стапките на даноците за побогатите, но не и за работниците. Со тоа ќе се ограничи и трошењето на овие луѓе и ќе се придонесе за намалување на инфлацијата. Во спротивно богатите ќе продолжат да трошат како што сакаат, а инфлацијата ќе расте – вели Савески.

    Тој смета дека земјава треба да направи нешто и на надворешен план за да се влијае на изворот на кризата.

    – Ако се знае дека војната во Украина е една од причините за сегашната енергетска криза и криза со цените на прехранбените продукти, земјава не смее да стои настрана и да се приклучува на санкциите кои ја продлабочуваат кризата. Треба да се приклучи на повиците за мир кои доаѓаат од најголемиот број земји. Продолжувањето на војната значи и натамошен удар врз работниците и врз социјалната положба на граѓаните – додава Савески.

    Од Стопанската комора вчера изјавија дека процесот на отпуштање работници, намалување на производството и затворање на капацитетите, е веќе почнат, но тој може да ескалира следните два месеци кога ќе се склучуваат договорите за снабдување со струја за наредната година.

    Компаниите се ставени пред дилемата како да ги задржат работниците во услови кога не знаат колку ќе трае енергетската криза, поради која мораат да го запрат производството. Но, велат, високите трошоци за струја се неиздржливи. Први на удар од ценовниот шок кој го предизвика струјата се големите индустриски капацитети кои се и големи потрошувачи на струја и вработуваат околу 6.000 работници. Дел од нив веќе го намалија производството и најавија планирани реконструкции во надеж дека ќе дојдат подобри времиња по Нова година. Друг дел, пак, стравуваат дека намалената потрошувачка во земјите на нивните деловни партнери ќе ги намалат и идните нарачки, што ќе влијае на производството и на вработените.

    – Опасна претпоставка e дека поради енергетската криза ќе се отпуштат од 30 до 50 отсто од вработените во компании или 350.000 работници. Сметам дека Министерството за труд и социјална политика и Владата нема да си дозволат околу 350.000 вработени да останат на улица и да бидат социјална категорија, на социјална помош. Тоа не може да си го дозволи државата, а сметам дека не може да си го дозволи ни самото стопанство, бидејќи поголемиот дел од компаниите во Македонија се одржливи и на долг рок – оцени денеска Миле Бошков од Конфедерација на работодавачи, на дебата на Текстилијада во Штип.

    Синдикатите од индустријата велат дека засега нема конкретни најави од компаниите дека ќе ги отпуштат работниците кои се на принуден одмор.

    – Дел од компаниите – „Фени“ и рудниците „Бучим“ и „Боров Дол“ дадоа принудни одмори на работниците до декември, а во „Либерти“ се изведуваат планирани ремонти и работниците тековно одат на работа. Оптимисти сме дека компаниите ќе потпишат договори за набавка на струја и нема да има отпуштања од работа – вели Игор Герасов, претседател на синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството.

    Дарко Димовски, претседател на ССМ, вели дека компаниите подоцна ќе се соочат со проблем да најдат работници, ако сега ги отпуштат.

    – Треба да се прашаат дали тие работници што ќе ги отпуштат ќе сакаат пак да се вратат во тие фирми. Од друга страна, стопанствениците велат дека немаат доволно работна сила и дека ќе увезуваат работници од Бангладеш. Компаниите треба да знаат дека работниците не се потрошна стока, а стопанствениците треба да издвојат од своите енормни добивки да ја пребродат кризата – изјави Дарко Димовски, претседател на ССМ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img