Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека најостро ги осудува вчерашните написи „Македонија е Бугарија“, кои можеа да се видат во рацете на дел од пратениците за време на заседанието по првата точка во бугарското Народното собрание, но и усно пренесени од говорницата за време на истата седница.
„Таквите пораки се противни на европските демократски вредности, но и противни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот“, наведува МНР.
Во соопштението се посочува дека земјава очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава.
„Министерството за надворешни работи на Северна Македонија врачи соодветна вербална нота со оваа содржина до бугарското Министерство за надворешни работи“, се додава во соопштението.