Системите на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) од денеска се вратени во нормално функционирање, сите професионални корисници и граѓаните можат да ги користат нејзините услуги, а податоците се безбедни и не се злоупотребени при компјутерскиот напад на надворешната инфраструктура на АКН и нејзините јавни сервиси, што беше детектиран на 22. месецов, потврдија за МИА од АКН.
Од Катастарот појаснуваат дека на 22 октомври во 08.20 часот од страна на ИТ Секторот детектиран е компјутерски напад во надворешниот систем на Агенцијата за катастар на недвижности на РСМ при што е констатирано дека упадот е на надворешната инфраструктура со што е извршено напад на достапноста на јавните сервиси на Агенцијата.
– Проблемот е пријавен до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT при Агенцијата за електронски комуникации и Секторот за компјутерски криминал во МВР. Во текот на деновите од сабота 22.10.2022 до вторник 25.10.2022 година, Секторот за информатички технологии во АКН интензивно работеше на санирање на настанатиот проблем. На 26.10.2022 година, системите се вратени во нормално функционирање и сите професионални корисници, како и граѓаните можат да ги користат услугите на Агенцијата за катастар на недвижности и би сакале да ве информираме дека сите податоци се безбедни и не се злоупотребени од страна на напаѓачите. Секоја друга информација е дезинформација на јавноста – велат од АКН.
Вакви неовластени упади или прекини во функционирањето на системите и сервисите кога интенцијата е сите процеси да бидат дигитализирани, а во насока на поефикасна услуга кон граѓаните и бизнис заедницата, потенцираат од Катастарот, не се ништо непознато не само кај нас туку и во други држави.