Една трогателна приказна, за наводното спасување на мајката на рускиот претседател Владимир Путин од сигурна смрт, во текот на Втората светска војна, стана вирална на интернет, иако постојат сомнежи за нејзината вистинитост, а борците против лажни вести и администраторите на големите социјални мрежи и пребарувачи се обидуваат да ја „истераат“ од интернет просторот.
Приказната е многу емотивна и моќна, така што навистина остава впечаток дека е дизајнирана од врвни пропагандисти, па не е ни чудо што контрапропагандата ја смета за своја легитимна цел. Нејзината моќ се состои во тоа што таа на читателите, особено оние склони кон теории на конспирации и религиозитет, им сугерира дека Путин има некаква божествена или историска мисија.
Неверојатната приказна за Марија Ивановна Путина
Еве како тече таа приказна, која најчесто се пласира со емотивна фотографија од рускиот претседател како дете, седнат во скутот на својата мајка Марија Ивановна Путина:
За време на војната млад војник се враќа на отсуство од фронтот во тогашен Ланинград, а во близна на својата куќа гледа куп безживотни тела, спремни да бидат натоварени на камион и погребани во масовна гробница. Војникот меѓу труповите гледа нозе со познати чевли, трча дома да види дали жена му е таму, но неа ја нема. Сфаќа дека неговата млада жена е меѓу мртвите и бара да му го предадат телото за да го погреба достојно. Но, кога ја извлекуваат, сфаќаат дека жената уште дише и успеваат да ја повратат во живот. Осум години подоцна, таа го раѓа малиот Владимир Путин.
Приказната потекнува од мемоарите на Хилари Клинтон „Тешки избори“, објавени во 2014 година, во која таа се присетува на разговор со Путин, кој ѝ раскажувал како татко му ја спасил мајка си за време на опсадата на Ленинград. Таа потоа му ја раскажала приказната на тогашниот американски амбасадор во Русија, Мајк Мекфол, но тој рекол дека никогаш порано не ја слушнал ниту прочитал за неа, иако добро ја познавал биографијата на Путин. Чудно било еден таков важен момент од својата биографија рускиот претседател прв пат да раскаже на средба со американски политичар.
Што вели Путин во својата биографија?
Приказната ја има во неговата автобиографија од 2000 година, „Прво лице: неверојатно отворен автопортрет од рускиот претседател“, но е прилично различно раскажана.
Во својата биографија Путин раскажува дека неговиот татко бил на фронтот, а неговата мајка едвај ја преживеала бруталната опсада на Ленинград. Но, за разлика од приказната што ја чула Хилари, овде неговата мајка се онесвестила од глад, навистина имало умрени кои требало да се погребат, но таа се разбудила, другите виделе дека е жива, а подоцна се опоравила. Во оваа верзија, неговиот татко воопшто не бил дојден на отсуство, ниту имал шанса да ја бара.
„Вујко ми ѝ помогна. Ја хранеше од сопствените оброци. Едно време тој беше префрлен на друго место, а таа беше на работ на гладување. Ова не е претерување. Еднаш мајка ми се онесвестила од глад. Луѓето мислеле дека умрела и ја положиле со труповите. За среќа, мама навреме се разбудила и почна да офка. По некое чудо, таа преживеа, опасноста беше помината“, раскажува Путин во својата автобиографија.
Значи, која верзија на приказната е вистинита? Или, пак, тоа е само парче фикција фабрикувана од искусен човек на КГБ, се прашува британскиот историчар и автор Бен Мекинтајр колумна за „Тајмс“.
„Овие драматични приказни за храброста на бојното поле, издржливост на народот и чудесниот опстанокот, наспроти шансите, како да се директно излезени од прирачник на советската воена митологија. Нивната вистинитост никогаш нема да биде целосно утврдена и на некој начин вистината е ирелевантна – ова е верзијата за неговото минато во кое г-дин Путин сака Русија и поширокиот свет да веруваат“ – пишува колумнистот на „Тајмс“.
Која е, пак, Вера Николаевна Путина?
Ако малку се знае за личниот живот на Владимир Путин, уште помалку се знае за 96-годишната жена од Грузија, која со години тврди дека таа всушност е вистинската мајка на рускиот претседател. Вера Николаевна Путина е родена во 1926 година, во 1999 година изјавила дека Владимир Путин („Вова“) е нејзин син. Тврдењата на жената се во спротивност со официјалната биографија на Путин, во која се наведува дека родителите на Путин умреле пред тој да стане претседател.
Официјалната приказна е дека родителите на Путин веќе биле во четириесеттите години кога се родил Путин, што остава празнина од повеќе од десет години од раѓањето на нивните две претходни деца, синови Алберт и Виктор, од кои ниту еден не го преживеал детството. Детали за првите десет години од животот на Путин се оскудни во неговата автобиографија, особено кога се споредуваат со другите светски лидери.
Путина живее во селото Метехи, околу 18 километри источно од Гори, Грузија. Таа вели дека таткото на Путин е руски механичар Платон Привалов, со кого таа забременила додека таа била девојка, а тој бил во брак со друга жена. „Владимир Путин“ бил запишан во училиштето Метехи во 1959-1960 година. Записите покажуваат дека неговата наведена националност е грузиска.
Вера подоцна се омажила за грузискиот војник Ѓорѓи Осепахвили, но нејзиниот сопруг не го сакал нејзиното дете и ѝ вршел притисок да го напушти. Во декември 1960 година, тврди Вера Путина, таа го однела „Вова“ кај неговите баба и дедо во Русија. Таа верува дека „родителите“ од Санкт Петербург, наведени во официјалната биографија на Путин, всушност го посвоиле нејзиниот син од неговите баба и дедо, кои во тоа време веќе биле во поодминати години.
Не е баш здраво да се трага по вистината…
Преку нејзините контакти Вера дознала дека Путин станал офицер на КГБ. Во 1999 година, таа го видела Путин на телевизија. Во тој период Путин воопшто не бил претседател на Русија, а таа тврдела дека тоа е нејзинот син.
Подоцна во нејзиното село ја посетиле непознати Грузијци и Руси, кои барале од неа да молчи. Наставничка во училиштето, која вели дека го учела Путин, изјавила дека и таа била загрозена и под закани од непознати луѓе. Вера изјавила дека е подготвена да направи ДНК тестови за да се потврди нејзиното родителство.
Она што фрла мрачна сенка на целата приказна е авионската несреќа на рускиот новинар Артјом Боровиќ, која се случи токму во период кога тој снимл документарен филм за детството на Путин, во кој беше вклучена и репортажа за Вера Путина. Исто така, постојат индикации дека еден италијански новинар, Антонио Русо, бил заинтересиран за приказната на Вера Путина пред да биде убиен.