Во Европа, потрошувачката на алкохол опадна во првата година од пандемијата, но тој пад може да се смени во наредните години кога ќе почнат да се чувствуваат економските последици од Ковид-19, соопшти во четвртокот Светската здравствена организација (СЗО).
Во Европскиот здравствен извештај на СЗО, кој се објавува на секои три години, се наведува дека помеѓу 2000 и 2019 година имало пад на консумирањето алкохол.
Навиките за пиење се сменија за време на пандемијата и луѓето почнаа да пијат алкохол дома наместо во кафулиња и ресторани, додека вкупно во 2020 година имаше пад на консумирањето алкохол, се вели во извештајот.
Но, европските земји сè уште се најголеми потрошувачи на алкохол во светот.
Падот е помалку забележан кај оние со ниски или просечни примања и кај оние кои се нашле во неволја, како и кај луѓето кои останале без работа или имале други финансиски грижи.
„Со оглед на минатото искуство, економските неволји од пандемијата на Ковид-19 веројатно ќе ја зголемат потрошувачката на алкохол во наредните години, особено кај мажите и оние кои припаѓаат на пониските социо-економски слоеви“, се вели во извештајот.
Извештајот покажа дека земјите од регионот во голема мера постигнале напредок во однос на некои од глобалните цели усвоени во 2015 година, а кои се насочени кон искоренување на сиромаштијата.
На пример, речиси сите земји во регионот ја исполнија целта да имаат стапки на смртност на новороденчиња и деца под 12 и 25 на 1.000 раѓања.
СЗО рече дека земјите треба да му дадат приоритет на здравствениот сектор и да се фокусираат на прашања како што е менталното здравје или ќе ризикуваат да заостанат зад напредокот постигнат од 2015 година.
„Имаме јасен избор во овој момент речиси две години по почетокот на пандемијата“, рече Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.