Македонија, како и Црна Гора, може да добие предупредување за можен прекин на преговорите, ако не го исполни суштинскиот услов – спроведување на уставните измени до ноември годинава.
Ова во изјава за информативната агенција Журнал го тврди д-р Башким Селмани, професор во Правниот факултет на државниот Универзитет во Тетово. Тој нагласува дека согласно со францускиот предлог, бугарската заедница треба да се вклучи во преамбулата на Уставот.
Од што се плаши Бујар Османи?
Претходно, со идентична порака се огласи и министерот за надворешни работи Бујар Османи:
– Не треба да губиме време во процесот на уставни измени, затоа што мојот страв е дека ако нè фати ноември без завршени промени на Уставот, ќе прекинат преговорите и ќе го изгубиме моментот. А губењето на моментот е една од најлошите работи што може да ви се случи на европскиот пат. Се плашам дека ќе влеземе во некакво си „црногорско сценарио“, после што ќе биде многу тешко да се вратиме, со сите импликации внатре и надвор врз имиџот на државата – рече шефот на дипломатијата на брифинг со новинарите.
Новата година, според Османи, треба да почне со „формален сет консултации и јавни дебати“, во коишто ќе бидат вклучени политичарите, невладините организации, експертите, новинарите и јавноста, за да се разговара кои се аргументите за и против уставни измени.
– Секое друго настојување, кое нема да се придржува до задолжителните правила, како што се уставните измени, ќе значи дека Македонија може да изгуби многу време. Таа веќе има изгубено многу време, но нималку нема научено од историјата дека решавањето на проблемите, или меѓународните спорови не е мало прашање, туку оти се работи за сериозно прашање. Само со соработка и толеранција може да решиме едно такво прашање – коментира професорот Селмани.
Кој го блокира европскиот пат?
Европскиот пат ги блокираа СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски, тврди ВМРО-ДПМНЕ.
– Презедоа обврски, без да имаат можност да испорачаат.
СДСМ и Ковачевски знаеја дека немаат двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот. И покрај тоа, прифатија обврски за државата. Тие беа свесни дека не можат да испорачаат, но свесно ја заглавија Македонија, само за да се сликаат еднаш и да кажат дека нешто направиле – се вели во партиското соопштение.
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека СДСМ и Ковачевски немаат мандат за промена на Уставот, бидејќи граѓаните никому не дале мандат за такво нешто.
– Не може да се носат стратешки одлуки за државата, кои ќе имаат национални последици, без за тоа да се праша народот – велат од опозициската партија и го истакнуваат барањето за предвремено извори.
Нов наратив на пропагандата на СДСМ
Поранешен искусен дипломат за Плусинфо вели дека заканата со „црногорско сценарио“ не е реална, туку е нов наратив на пропагандата на СДСМ.
– Како што потврди и претседателот Стево Пендаровски во новогодишното обраќање, дури и да се внесат Бугарите во уставот, тоа нема да значи крај на барањата и на притисоците на Софија. Така што, ако на тоа се гледа како за запирање на евроатлантскиот процес, тогаш може слободно да се каже дека ние и не сме излезени од т.н. „црногорско сценарио“. Но, тоа не е така. На патот кон ЕУ имало и ќе има подеми и падови, а секој проблем се решава со нови разговори и преговори. Мое мислење е дека покрај внатрешната јавна дебата за прашањето „Бугари во Уставот“, Владата на Ковачевски треба да покрене разговори со Софија и со Брисел за гаранции што би ги направиле уставните промени можни – вели експертскиот извор.
(Фотографија: unsplash.com)