Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски ќе биде нов амбасадор во Франција, а пратеникот од СДСМ, Зеќир Рамчиловиќ ќе биде амбасадор во Црна Гора. Зулфи Исмаили заминува како наш претставник во Постојаната мисија во ЕУ во Брисел, а Јован Манасијевски во Анкара.
Ова го соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите. Тој најави дека има кандидати за амбасадорското место во Берн, Швајцарија, и за местата генерален конзул во Минхен и во Торонто, но за нив не е завршена процедурата со добивање агремани и затоа нивните имиња остануваат засега во тајност.
Во вторник се очекува да се предложат уште две имиња за две амбасадорски позиции.
Од први септември е почната сеопфатна евалуација на амбасадорите кои веќе ги извршуваат своите функции, за периодот септември 2021 – септември 2022 година. Министерот најави дека е можно да има и повлекување на оние што не ги исполнуваат критериумите.