Германскиот министер за економија Роберт Хабек синоќа изрази загриженост поради неединството на Европската унија пред самитот на кој ќе се разговара за руското ембарго за нафта и планот за ставање крај на зависноста од руската енергија.
Лидерите на ЕУ ќе се состанат денеска и утре за да разговараат за новиот пакет санкции против Русија, што предвидува ембарго на руската нафта и програма насочена кон забрзување на прекинот на зависноста од фосилните горива, вклучително и од рускиот гас.
Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на синоќешниот состанок во Брисел не успеаја да постигнат консензус за воведување на шестиот пакет санкции против Руската Федерација. Нов обид за постигнување договор за засилување на притисоците врз Русија е закажан за денеска, непосредно пред специјалниот самит на лидерите на ЕУ.
– По почетокот на рускиот напад врз Украина, видовме што може да се случи ако Европа биде обединета. Се надеваме дека единството ќе се покаже на утрешниот самит, иако тоа веќе почна да се распаѓа – рече Хабек на прес-конференција.
Тој ја повика Германија на самитот да настапи единствено, не да се воздржува од гласање поради разликите во ставовите во рамки на германската владејачка коалиција. Слично единство Хабек побара и од земјите-членки на ЕУ.
– Европа е сѐ уште огромна економска област со неверојатна економска моќ. Кога е обединета, може да ја искористи таа моќ – рече Хабек на отворањето саем во Хановер.