Рускиот политичар Олег Морозов предложи киднапирање на министерот за одбрана на НАТО во Украина и негово сослушување во Москва, јавува Ројтерс. Морозов првпат беше избран во рускиот парламент во 1993 година и е член на партијата на Путин, Единствена Русија.
Тој рече дека испораката на западно оружје во Украина е директна закана за Русија и дека може да бара од Москва да ги преиспита нејзините воени цели.
– Знаете, можеби е фантастичен заговор ова што го предлагам… дека во блиска иднина, во некоја фаза, министерот за војна на НАТО ќе оди со воз во Киев за да разговара со Зеленски. Но, тој нема да стигне таму, тој ќе се разбуди некаде во Москва – рече Морозов.
– Дали мислите дека треба да го киднапираме? – праша Олга Скабеева, ТВ водителката на програмата „60 минути“.
– Да. И тогаш ќе одлучиме кој каква наредба дал, кој за што е одговорен. Сите тие министри за војна што се собираат во Киев нека размислат малку како би било да се разбудите во Москва – рече тој.
Ниту Морозов ниту Скабеева последователно не ги коментираа изјавите.