Русија донесе одлука да го намали нивото на дипломатските односи со Естонија. Таа го обвини Талин за „тотална русофобија“, протерувајќи го естонскиот амбасадор од земјата. Ваквото протерување на амбасадор на земја од Европската унија од Русија е прво откако таа ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари.
Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека го протера естонскиот амбасадор Маргус Лаидр и го спушти нивото на дипломатските односи меѓу двете земји. Естонија беше обвинета за „целосна русофобија“, а амбасадорот ќе мора да ја напушти земјата на 7 февруари.
„Одговорноста за развојот на таквата ситуација меѓу Русија и Естонија е целосно на естонската страна. Ќе продолжиме да одговараме на непријателските потези на естонските власти“, соопшти Министерството. Истовремено, се предупреди дека Талин ја подигнал русофобијата и негувањето непријателство кон Москва на ниво на државна политика, додавајќи дека естонскиот амбасадор веќе бил информиран за одлуката на министерството, пренесува француската новинска агенција АФП.
Прочитајте повеќе: Сигнал од Берлин: дали Германија ќе направи отстапки за извозот на тенкови?
Ова е првпат Русија да протера амбасадор од членка на Европската унија откако ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари. Протерувањето доаѓа по одлуката на Естонија на 11 јануари драстично да го намали бројот на вработени во руската амбасада во Талин до крајот на месецот.
Естонските власти одлучија да ги протераат за да се постигне „еднаквост на дипломатскиот персонал на двете земји“. Со ова тие имаат за цел да го направат ист бројот на работни места во руската амбасада во Талин и естонското претставништво во Москва.