Претседателот на Бугарија Румен Радев, го коментираше протерувањето на руските дипломати од Бугарија.
– Не можам да разговарам за ова прашање бидејќи ги немам потребните информации. Се надевам дека премиерот во оставка Кирил Петков има издржани и веродостојни информации за оваа одлука и добро ја разгледа и по обем и по последици – изјави Радев.
Вчера, премиерот во оставка Петков објави дека се протеруваат 70 руски дипломати кои работеле во Бугарија, за кои тој рече дека работеле за тајни служби, а дипломатската работа им била покритие.
Денеска конзуларната служба на руската Амбасада во Бугарија и Генералниот конзулат во Варна ја прекинаа својата работа. Исто така, денеска и Генералниот конзулат во Русе ќе престане со работа и ќе биде затворен еден месец.