Во сопствен Проглас за заштита на македонскиот јазик, книжевност и на македонстиите, експертите, лингвистите, македонстите и јазичарите во земјава ја повикаа Владата да ja повлече унилатералната изјава дадена кон ЕУ. Според нив, во изјавата јазикот е сведен само на кодификацијата до 1945 година, односно не се искажува неговата автохтоност, не се земени предвид дијалектите надвор од земјата, кирилметодиевската традиција и општо изјавата не се согласува со сознанија од македонистиката.
Во прилог го пренесуваме текстот од прогласот.
ПРОГЛАС ЗА ЗАШТИТА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И КНИЖЕВНОСТ И НА МАКЕДОНИСТИКАТА
„Бараме веднаш, без одложување, од страна на Владата на Р С. Македонија, односно Министерството за надворешни работи, оваа Изјава да биде повлечена во целост, имајќи предвид дека со неа не се почитуваат востановените научни сознанија и утврдени факти за македонскиот јазичен, книжевен и, воопшто, културен идентитет, зад коишто стои не само домашната и странската македонистика, туку и современата светска славистика, лингвистика, книжевна наука и историографија. Во Изјавата, меѓу другото, не се почитуваат и меѓународно усвоени теории и практики на толкување на фактите поврзани со историјата на словенските јазици во чиешто семејство припаѓа и македонскиот јазик, а, следствено на тоа, и на толкување на фактите за историјата на македонската книжевност и, воопшто, македонската култура. Со научно неточно тврдење изнесено во оваа Изјава, македонската дијалектологија, односно македонскиот дијасистем е сведен само на територијата на државата, спротивно на меѓународните принципи и научно утврдени факти коишто дијасистемот не го поврзуваат со политичките државни граници. Македонската книжевност е сведена на датирање само од 1945 година наваму (имајќи ја предвид употребата на терминот „литературен македонски јазик“, којшто подразбира јазик на литературата/книжевноста), при што, одделно, во Изјавата се алудира само на книжевни остварувања коишто се од поновата книжевна продукција, со што политички се брише македонската книжевна историја.
Ваквата Изјава може да доведе до сериозни и трајни последици по нацијата, државата и севкупната македонска култура, и затоа укажуваме дека доколку не биде повлечена, од наша страна ќе биде сметана за нелегитимна, а за нелегитимен ќе го сметаме и секој натамошен акт којшто ќе се темели или повикува на неа.
Јавно ги повикуваме претседателот на државата, г. Стево Пендаровски и Собранието на Р С. Македонија да застанат во одбрана на македонскиот јазик и книжевност, на македонистиката и на државните интереси и да ги искористат сите расположливи механизми за оваа срамна Изјава да биде повлечена, бидејќи со неа политички се задира во македонистичките темели, зад коишто стои науката. Притоа, треба да се има предвид дека оваа Изјава се коси со Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, донесена од Собранието на Р С. Македонија. Со неа е утврдено дека треба/мора да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет и да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет. Временскиот континуитет подразбира дека македонскиот јазик не е создаден, туку само е кодифициран во 1945 година, додека просторниот континуитет укажува на јазичната територија којашто не е само во рамките на државните граници како што научно неточно е претставено во Изјавата. Со Изјава или каков и да е друг акт, никој нема право да ги брише сознанијата на науката и да не почитува акт донесен од институција којашто е највисоко тело на државата.
Стоејќи на браникот на македонскиот јазик, книжевност и култура, но и на браникот на македонистиката, укажуваме:
- Историјата на македонскиот јазик не започнува во 1945 година. Кодификацијата врз научно верифицирани основи е потврда на претходен долговековен јазичен, културен и национален развој и континуитет и е само една етапа во развојот на јазикот. Нејзе ѝ претходат засведочени стремежи и за претходно нормирање на македонскиот јазик, при што одделно се издвојуваат заложбите на Ѓорѓија Пулевски, лозарите –припадниците на Младата македонска книжовна дружина, Крсте П. Мисирков.
Во оваа Изјава, единствената временска одредница е поврзана само со кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, а покрај неа има само безначни фрази, при што изоставени се повикувања на традицијата на македонската редакција на црковнословенскиот јазик, дамаскинарската традиција, деветнаесеттовековните стремежи за посебен јазик, заложбите на Мисирков итн.
Историјата на македонскиот писмен јазик започнува уште со старословенскиот јазик и кирилометодиевскиот период и мора да се има предвид дека старословенското, кирилометодиевското и црковнословенското наследство се суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, вклучително и на македонскиот народ. Македонскиот јазик својот континуитет го остварува непрекинато, за што сведочат црковнословенската, апокрифната и народната книжевност и, воопшто, книжевноуметничката традиција, а тоа не е опфатено во оваа Изјава.
- Дијалектното простирање на македонскиот јазик оди и преку државните граници на нашата татковина и научно е неточно наведеното во Изјавата дека континуитетот на македонскиот јазик „се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија.“
- Погрешна е формулацијата во Изјавата дека македонскиот јазик беше признаен од Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година. Постоењето на македонскиот јазик е неспорно за светската филологија. На Конференцијата во Атина во 1977 година само е донесена Резолуција за тоа како македонската кирилица ќе се предава со латиница, или, поконкретно, како македонските топоними ќе се предаваат на географските карти со латиница.
- Стандарниот јазик е социолингвистичка и политичка категорија, но нему му претходи народниот јазик. На народен македонски јазик е создавана македонската книжевност во периодот до крајот на Втората светска војна (како и во историјата на други народи пред чинот на кодификација на стандарден јазик) и таа е клучното остварување на нашиот јазик, потврдата за неговата посебност и пред чинот на кодификација. Да се потсетиме ‒ во 20 век, на македонски јазик создавале и Рацин, Иљоски, Панов, Крле, а претходно Џинот, Пејчиновиќ, Крчовски, Константин Миладинов… Со вака формулираната Изјава, македонската современа држава би се одрекла од делата на овие и други автори, клучни за македонскиот јазичен, книжевен и културен код.
. Поврзувајќи ја македонската книжевност само со чинот на кодификација (формулација: литературен јазик) и со единственото посочувањедека „литературата напишана на македонски јазик е добитник на меѓународни награди и признанија“, што доминантно се врзува со остварувања од последните неколку децении, без наведување ни збор повеќе за конкретни остварувања од македонската книжевна традиција и историја, со оваа Изјава политички се бришат клучни остварувања на македонската книжевност и култура.
Самиот факт што оваа Изјава е нелекторирана, со видливи, бројни правописни и граматички грешки, за жал, говори за односот, односно ниското ниво на свест и флоскулна, а не суштинска упатеност на носители на политики во државата (подолг временски период, а не само во актуелниот миг) кон важноста на македонскиот јазик, книжевност и култура и потребата од македонистички кадар (вклучително и лектори) и неговата важност за нацијата и државата. Како резултат на тоа и се случува ваква Изјава да биде подготвена и објавена без да биде консултирана релевантна научна и/или образовна институција од областа на македонистиката, бидејќи ако беше, немаше да може да ни се случи ваков срамен акт којшто е спротивен на македонските државни интереси.
Кон сето ова, можат да се надоврзат уште низа научно поткрепени согледби, но повторно се доаѓа до истиот заклучок – ваквата изјава претставува чин на одрекување од клучни елементи на нашиот македонски јазичен, книжевен и, воопшто, културен идентитет! Оваа Изјава е одрекување и од влогот на нашите претходници и учители, меѓу коишто е и големиот Блаже Конески.
Минатата година, кога одбележавме 100 години од неговото раѓање, многупати, вклучително и во политичките говори, се цитираше неговата мисла: „Јазикот е единствената комплетна татковина“.
Но, зарем можеше од некои субјекти толку брзо да биде заборавена?! Оваа Изјава е навреда и за странските македонисти и слависти, од странските факултети и универзитети флоскулно наведени во неа, затоа што со неа се негира и брише она коешто тие го изучуваат, предаваат и афирмираат во светот како посветеници на македонистиката. Но, оваа Изјава е погубна и за следните генерации, на коишто со ваков акт им се одзема клучен дел од кодот на нивниот идентитет и на традициите на коишто тие ќе треба да се надоврзат. Им се одзема она што им припаѓа, а немаме право на тоа!
Ова не смееме да го дозволиме! Затоа, јавно ги повикуваме сите научни и образовни институции да застанат во одбрана на македонскиот јазик и книжевност и македонистиката, обединети во барањето Унилатералната изјава на Република Северна Македонија веднаш, без одложување, да биде повлечена во целост, имајќи ја предвид нејзината штетност за нацијата и државата и далекусежните последици од неа по рецепцијата на македонскиот јазичен, книжевен и културен идентитет.
На крај, уште еднаш ги повикуваме Владата на Р С. Македонија и Министерството за надворешни работи, веднаш да ја повлечат Изјавата со којашто се задира во македонистичките темели, зад коишто стои науката. Ним им останува дали ќе им се извинат на македонскиот народ и на сите граѓани на нашата држава за овој историски негативен преседан.
Време е и во нашево време да се запрашаме: „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“.
Христина Ангелеска, магистранд по македонистика со комуникологија при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“
м-р Иван Антоновски, асистент на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – УКИМ
м-р Кристина Атанасова, магистер по македонска книжевност, графичка дизајнерка
Софија Величковска, студент на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – УКИМ
Кристина Дабеска, дипломиран професор по македонски јазик и книжевност
Анастасија Димковска, дипломирана професорка по македонистика: книжевност и јазик
Теодора Донакова, дипломирана професорка по македонистика: книжевност и јазик
Кристина Дукоска, лектор и јазичен редактор
Тамара Ѓонеска, дипломирана професорка по македонски јазик и книжевност
Елена Ѓорѓиовска, дипломирана професорка по македонистика: книжевност и јазик, лектор по македонски јазик на Универзитетот во Букурешт, Романија
д-р Татјана Б. Ефтимоска, лектор и професор по македонски јазик и литература
м-р Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик на Институтот за ориентални јазици и култури во Париз, Република Франција
м-р Моника Илкова, магистер по македонска книжевност, лектор по македонски јазик на Универзитетот во Ниш
м-р Давор Јанкулоски, асистент-истражувач, Истражувачки центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“, МАНУ
Катерина Котеска, апсолвент на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – УКИМ
д-р Николче Мицкоски, соработник-истражувач, Лексикографски центар, МАНУ
д-р Бисера Павлеска-Георгиевска, доктор по филолошки науки
д-р Марија Паунова, вонреден професор на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – УКИМ
Рената Пенчова, дипломирана професорка по македонистика: книжевност и јазик, проектен асистент во здружение на граѓани „Еко Логик“
д-р Биљана Рајчинова-Николова, соработник-истражувач, Одделение за македонска литература во XX век, Институт за македонска литература, УКИМ – Скопје
Маја Ристеска, дипломиран професор по македонистика: книжевност и јазик
Павлинка Ристова, дипломирана професорка по општа и компаративна книжевност и македонски јазик, книжарка во книжарница ТРИ
Милена Сиљаноска, дипломирана професорка по општа и компаративна книжевност и македонски јазик, уредничка во Издавачки центар ТРИ
д-р Трајче Стамески, вонреден професор на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – УКИМ
Радица Стојановска, апсолвент на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – УКИМ
Стефани Стојаноска, дипломирана професорка по македонски јазик и книжевност
м-р Александра Стојковска, магистер по македонска книжевност
м-р Александра Спасевска, магистер по филолошки науки во областа македонска книжевност, наставник по македонски јазик во ООУ„Кузман Јосифовски-Питу“ – Кичево
д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, вонреден професор на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – УКИМ
Марија Тасеска, студент на Катедрата за македонска книжевност и култура, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – УКИМ
Марко Тодевски, студент на Катедрата за македонска книжевност и култура, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – УКИМ
Валентина Трајановска, дипломирана професорка по македонски јазик и книжевност
м-р Ирина Тумбовска, магистер по македонска книжевност, Маркетинг и ПР во Издавачки центар Антолог
м-р Марина Цветаноска, соработник истражувач, Одделение за македонска литература XIX век при Институтот за македонска литература – УКИМ