Трет ден топланата „Скопје-Север“ не испорачува топлинска енергија, па објектите кои се приклучени на системот на парно греење на оваа компанија – домаќинствата, образовните и здравствените установи во општините Чаир и Бутел – се без никакво греење. Од ЕСМ смируваат дека е набавен гас за цел декември и дека од утре „Скопје-Север“ ќе функционира нормално.
Според информациите до кои дојде Плусинфо, поради студените радијатори вчера училиштата во општините Чаир и Бутел го прекинале наставниот процес и ги ослободиле учениците уште од вториот час. Денеска, како што нѐ информираше градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, најзасегнати се училиштата и градинките кои се затоплуваат токму од топланата „Скопје-Север“.
– „Петар Здравковски – Пенко“ и клонот на „11 Октомври“ веќе втор ден немаат греење и затоплување на објектите. Освен тоа, и граѓаните од зградите во Скопје-Север се без греење. Ние сме најзагрижени за училиштата и за градинките, се надеваме дека во најбрз можен рок ќе биде надминат овој проблем. Општината Бутел редовно ги исполнува обврските кон топланата „Скопје-Север“. Овие денови функциониравме во исклучително тешки услови. Во градинката се обидуваме да го загрееме објектот со помошни тела, бидејќи е најнеопходно, а во основните училишта организиравме скратена настава – објаснува градоначалникот Костовски.
За да ја надмине финансиската криза, топланата „Скопје-Север“ побарала наместо со гас, греењето да продолжи со мазут, но Град Скопје не дозволил, објаснуваат од општината Бутел. Поради тоа што топланите немаат филтри, а гасот е достапен на пазарот, Министерството за животна средина забранило тие да користат мазут или дизел како гориво.
Граѓаните од овие две општини велат дека студот е неподнослив и за домаќинствата. Тие редовно ги плаќаат сметките, а често се случува да имаат прекин на парното греење. Некои од нив имаат мали деца, а некои и стари и болни членови на семејствата. Тие се снаоѓаат како знаат и умеат, користат греалки, но тоа значи дека плаќаат и повисоки сметки за струја.
Утрово ЕСМ ги извести граѓаните на Скопје дека испораката на топлинска енергија тече непречено и дека така и ќе продолжи и во следниот период. За месец декември е обезбеден природен гас од „Макпетрол пром-гас“ и топлинска енергија од ТЕ-ТО. Компанијата продолжува со практиката за набавка на природен гас во покуси временски периоди, поради финансиски подобрите услови.
Решен е проблемот и со парното во „Скопје-Север“, соопштија од дирекцијата на ова акционерско друштво. Одборот на доверители денеска напладне му даде зелено светло на директорот Богољуб Макревски, кој е водач на стечајната постапка на матичната компанија, да потпише техничко-деловна соработка со ЕСМ.
Според нив, во текот на денот се очекува да се форматира договорот за премин на Топланата од приватно во државно управување, а во меѓувреме да се снабди со природен гас за најдоцна утре да има парно греење во подрачјето на Чаир и на Бутел.