Судија на претходна постапка му изрече мерка притвор на Г.Б.(40), а на В.Б.(21) мерка за безбедност за сторено кривично дело „насилство“, по чл.386 од Кривичниот законик. Полицијата претходно против нив поднесе пријава, а јавен обвинител поведе постапка.
Двајцата на 28 јули, во угостителски објект на булеварот „Словенија“ во Скопје, додека биле на семејна роденденска прослава, извршиле грубо насилство врз едно лице. Оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење. Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцовки и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот.
Медиумите информираат дека еден станува збор за Габриел Бајрам, советник во Град Скопје и неговиот син. Габриел е син на покојниот пратеник Амди Бајрам.