Побрзо ќе стигнеш на работа од Велес, Тетово или од Куманово во индустриската зона во Визбегово отколку од Скопје и од скопските села, велат револтирани работници кои мораат да ги молат газдите да не ги ангажираат во сабота и во недела бидејќи за викенд нема автобуски превоз на ова подрачје.
Според нив, проблем е и редовното доаѓање на работа, бидејќи автобусот 118 сообраќа на секој час. Обично се групираат повеќе работници и се возат со сопствени коли, но велат дека тоа не е решение бидејќи се изложени на високи трошоци посебно во овој период кога цената на горивото секојдневно расте. Посебен проблем е одењето на работа, ако немаат сопствено возило.
И бизнисмените од зоната се незадоволни бидејќи тешко можат да организираат втора смена зашто автобусите до Визбегово сообраќаат само до 19.10 часот. И тие велат дека ако имаат потреба да работат во сабота и во недела не можат да ангажираат дел од работниците бидејќи од некои села нема автобуси до Скопје во викенд. Преку нивното здружение поведоа неколку иницијативи за подобрување на автобуските врски, но состојбата, велат дека е непроменета.
– Да работиш во некоја фирма во индустриската зона Визбегово е тешко бидејќи доаѓањето на работа е компликувано. Има само еден автобус и тој сообраќа на секој час. Ако го пропуштиш нема шанса навреме да стигнеш на работа. Посебен проблем се и возачите кои често знаат и да не тргнат на оваа релација, а во лето дури и поретко ги има автобусите. Газдите не прашуваат дали на работа одиш со автобус, такси или со сопствено возило, туку сакаат точно на време да си стигнат. Можеби да живеев во Тетово или во Куманово преку обиколница побрзо ќе стигнев на работа, но од Скопје тешко – вели вработена во една од фирмите во Визбегово.
Таа вели дека моментално таа и неколку нејзини колеги одат со сопствени возила или се групираат во едно.
– Петмина колеги се менуваме со автомобилите да ни дојде поевтино, но тоа не е решение. Горивото секој ден има повисока цена и не се издржува. Ние не земеме големи плати па да можеме и ваков товар да издржиме. Значи ако немаш кола нема да можеш да работи во овој дел од Скопје – додава таа.
Бизнисмен од оваа зона вели дека е срамно што во Скопје имаме ваков проблем.
– Овој проблем не е од вчера и нема решение. Покренавме иницијатива, ама ништо од неа. Имаме проблем со редовноста на работниците, но и можноста да организираме сменско работење или работа за време на викенд. Значи кај нас затвораме во петок или ги организираме работниците кој како знае и умее – вели тој.
Проблемот го потврдуваат и од Здружението на индустриската зона Визбегово.
– Да, проблемот е повеќегодишен, имаме неколку иницијативи и барања до ЈСП и Град Скопје, но засега нема одговор. Бараме да автобусите да сообраќаат почесто и да не се скратуваат во текот на летниот период, бидејќи фирмите не се на колективен одмор, туку работат и во лето – велат од Здружението.
До Визбегово сообраќаат автобусите 18, 18А и 118 на ЈСП, а приватните превозници иако пробале да воведат редовна линија, се откажале бидејќи била економски неисплатлива.
– Пред неколку години се обидовме да воведеме линија до оваа индустриска зона, но се покажа неисплатлива. Возевме три месеци, ама немаше патници за да продолжиме да ја одржуваме линијата и се откажавме – вели Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.
Според него, решение за проблемот има, но некој треба да го плати превозот.
– Да, решение има, а тоа е специјален превоз со утврдена рута, број на патници и време на пристигање и заминување. Ние сме подготвени доколку група стопанственици се договорат да организираме превоз за нивните работници. Превозот може да се организира со големи автобуси или со минибуси. Секако, некој треба тоа да го плати. Таков превоз веќе реализираме за другите скопски индустриски зони и посебно за фирми и тоа функционира добро – додава тој.
И од ЈСП велат дека возниот ред на секоја линија е димензиониран врз основа на просечниот број на валидации (патници) на конкретна линија, па така и во овој случај.
– Бројот на возила кои сообраќаат на посочената релација ги задоволува потребите за просечниот број корисници од/кон Визбегово. До/кон Визбегово сообраќаат три линии 18, 18А и 118 и единствено 118 не сообраќа за време на викенд. – велат од ЈСП.
Оттаму додаваат дека Град Скопје има нарачано студија за нова мрежа на линии која според договорот треба да биде готова во септември.
– Студијата се изработува токму со цел да се изврши корекција на постоечката мрежа на линии, која е заснована на студија стара речиси 40 години, е застарена и во делови несоодветна во однос на фактичката состојба на Скопје, со оглед на тоа дека во меѓувреме никнаа нови населби, се проширија границите на градот, односно градот се промени и во однос на популацијата и урбаниот развој, а мрежата на линии остана непроменета. Очекуваме дека со преструктурирање на мрежата на линии, меѓудругото, ќе се воведат нови линии до „заборавените“ населени места, директно ќе се поврзат одредени населби/општини и слично – велат од ЈСП
Оттаму додаваат дека во меѓувреме се „продолжуваат“ постоечки линии, се воведуваат нови ноќни линии, пробни линии и слично.
-Пример во изминативе неколку месеци се воведоа ноќни линии: 61, 63А, нови линии: 50А, 29, се продолжи линија 4. За да се изврши корекција на режим на сообраќање на некоја постоечка линија или да се воведе нова, неопходно е да се изврши „снимање“ на терен, истражувања и анализи на исполнетоста на неопходните сообраќајно-технички, безбедносни, економски и други услови, како би добиле одговор дали едно барање е основано или не. Во случај одговорот да е позитивен, неопходно е да се донесе соодветна одлука од страна на Советот на Град Скопје -појаснуваат од ЈСП.