Привремен прекин на огнот за да се формираат безбедни рути за евакуацијата на цивилите од опколените украински градови Харков, Суми и Мариупол најави руското Министерство за одбрана, а операцијата треба да почне во 10 часот по руско време, пишува РТ. Отворен е безбеден премин и од Киев кон Белорусија каде бегалците ќе можат да преминат со хеликоптер.
Исто така, се вели дека сите обиди на украинската страна да ја префрли вината за поткопување на хуманитарните напори ќе бидат „бесмислени“, бидејќи Русија ќе ја следи евакуацијата со помош на беспилотни летала.
Обидите да се организира безбедно поминување од градот викендов не успеаја, за што двете страни меѓусебно се обвинуваат. Градскиот совет на Мариупол ја обвини Русија за гранатирање, додека Москва тврдеше дека украинските „националисти“ користат цивили како „жив штит“.
Гранатирани беа Киев, Харков и други места, а Украина ја обвини Русија дека погодила станбени области. Руското Министерство за одбрана, сепак, инсистира на тоа дека цели се само воени локации, како што се аеродромите, единиците за противвоздушна одбрана и радарските станици.
Повеќе од 1,5 милиони луѓе ја напуштија Украина на Запад откако Русија ја нападна земјата на 24 февруари, според ОН. Згора на тоа, 96.000 луѓе избегаа во Русија во неделата пред војната да започне.
Безбедната евакуација на украинските цивили била договорена телефонски меѓу Владимир Путин и францускиот претседател Емануел Макрон, потврди руското Министерство за одбрана.