Предлог-буџетот за МВР за 2023 година е зголемен за шест проценти и ќе биде 182, 7 милиони евра. Основната цел на предлог Буџетот 2023 е да се обезбеди понатамошно системско реформирање на полицијата, преку етаблирање на принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста, како еден од круцијалните фактори за просперитет на државата, информираа на денешната прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Во овој Предлог- буџет, информира Ковачевски, е планирана ставка за исплата на бонус плати за 2023 година со остварени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво, со што, рече, Владата реши голем проблем и на штета на Буџетот и на штета на полицајците.
– Со години наназад бонус платите не им се исплаќаа, за што тие со право поднесуваа тужби за остварување на своите права, а државата од Буџетот плаќање отштета. Владата ја смени таа несоодветна практика и досега се исплатени заостанатите не исплатени бонус плати и редовно продолжуваме за исплата на истите од 2017, 2018, 2019, 2020 и 2021 година – изјави премиерот Ковачевски.
Можеме и мораме да работиме уште подинамично на реформирање на МВР, порача меѓу другото министерот Спасовски, кој се надоврза на она што го презентираше Ковачевски, издвојувајќи неколку побитни работи кои обезбедуваат развојна линија на МВР, во приоритетните области кои како раководство ги поставивме пред шест години.
Со зголемувањето за шест проценти во споредба со минатогодишниот буџет, нагласија на прес-конференцијата, е обезбедено во ставките кои овозможуваат континуитет во градењето на современа и стручна институција, заснована на законитост и понатамошен развој на демократските принципи во полициското работење, согласно европските препораки и стандарди.
Преку реализацијата на проектираниот буџет на МВР, пред нас се две основни цели, нагласи Спасовски, првата е продолжување на воспоставениот концепт: полицијата – сервис на граѓаните.
– Нашата цел е продлабочување на партнерството меѓу граѓаните и полициските службеници што ќе продолжи да произведува уште поефективни резултати за безбедноста и сигурноста, за одржување на јавниот ред и мир, како и за заштита на материјалните добра на граѓаните. Како дел од проектите од кои директен бенефит ќе има заедницата е продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици, со кој досега опфативме завидна бројка од 78 комплетно реконструирани објекти, најголем дел енергетско ефикасни, во насока на енергетски заштеди и зачувување на животната средина – рече Спасовски.
Имено, дел од средствата во делот Капитални расходи се наменети за целосна реконструкција на Центарот за обука Идризово. Со оглед на фактот што годишно во овој Центар посетуваат обука во просек по 600 кандидати, најави министерот Спасовски, само за основна обука за полицаец и по уште толку припадници на МВР и други сродни државни институции во рамки на континуираните обуки, овој потфат ќе значи не само подобрување на условите за работа на вработените во Центарот за обука, туку инвестирање во образовна институција која редовно подготвува нови генерации на кандидати кои ја избрале полициската професија за животен повик, но и колеги кои веќе работат, а се надградуваат по различни основи.
Спасовски ја спомена и целосната реконструкција на Одделот за граѓански работи – Управните служби на МВР, која практично претставува лицето на МВР, со оглед на фреквенцијата на граѓани кои во неа ги остваруваат граѓанските правата и должности.
– За илустрација, годинава низ неа поминале над 913.000 граѓани само за издавање на лични, патни документи и возачки дозволи. Притоа, со реализацијата на оваа реконструкција ќе се промени и концептот на функционирање во насока на нашето воспоставениот концепт – Полицијата – поблиску до граѓаните. Односно, ќе има еден отворен и полесно пристапен концепт за сите граѓани, а со тоа и побрза реализација на бараните услуги. И, секако, дел од средствата наменети за капитални проекти се планирани за изградба на Полициската станица Аеродром, што значи градба на сосема нов објект димензиониран согласно потребите на општината, при што конечно ќе се напушти сегашната барака од времен карактер во која оваа станица функционира над 22 години. И во овие три објекти ќе бидат имплементирани мерки за енергетска ефикасност, со што очекуваме актуелните заштеди на електрична енергија од 30 проценти – посочи на прес-конференцијата Спасовски.