Кои фирми профитираат од енергетската криза и дали фирми блиски до премиерот Ковачевски и фирми во неговото опкружување земаат државни тендери, а се поврзани со секторот енергетика – праша на денешната седница во Собранието пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.
Тој уште праша дали премиерот Ковачевски чувствува одговорност за хаваријата денес во Врбен додека декларативно се залага за надминување енергетската криза.
– Дали знаете додека седите овде на пратенички прашања имате проблеми да си ги обезбедите министрите, дали знаете дека се случи хаварија на доводниот цевковод на хидроелектраната Врбен, која е дел од Мавровскиот систем. Врбен не работи денеска, а дотокот на вода на двете останати е намален. Штетите се проценуваат дека ќе бидат милионски. Дали знаете дека за жал ви пукаат цевки дали знаете за ова и дали осеќате одговорност затоа што сте дозволиле ова да ни се случува во време кога декларативно се залагате дека ќе ја надминувате енергетската криза – рече Лефков
Третото прашање на пратеникот Лефков беше до министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
– Бидејќи Љупчо Николовски е отсутен ќе може да ми одговори заменикот Абдул Шукур. Сакав да го прашам Љупчо Николовски дали чувствува одговорност поради прекршување на кодексот и дали размислува да си даде оставка заради тоа што блиски фирми до Љупчо Николовски е дозволено да прават екстра профит со откуп на опожарен бор токму во време на енергетска криза? Министерството за земјоделие го тресеше еден скандал кога одобрило извоз на техничко дрво десеттина дена пред владата да воведе забрана за извоз на огревно и необработено дрво. И тоа преку едната фирма во Смолари и една друга фирма во Брвеница. А сега имаме нов скандал. Дали знаете премиере дека додека граѓаните не можат да набават огревно дрво и огревното дрво достигнува цени од 4.500 до 5.000 денари Љупчо Николовски, спротивно на кодексот, овозможил за нему блиски лица да го откупуваат опожарениот бор за замислете од 300 – 625 денари по метар кубен – праша Лефков.