Утрово од 9 часот започна протестот на дел од приватните автобуси превозници пред централата на ЈСП во Автокоманда, бидејќи како што најавија сакаат да го изразат незадоволството од исплатената сума од 5.000 денари за 105 компании, а некои од нив велат дека воопшто не добиле пари.
Приватните превозници повторно излегоа на нов потест, откако претходно градоначалничката Данела Арсовска им ги раскина договорите на крајот од минатата година.
Поради тоа тие протестираат блокирајќи неколку крстосници во Скопје, барајќи од Градот и од ЈСП Скопје да им го исплатат долгот кој е речиси 2 милиони евра, но по неколку дена се повлекоа бидејќи побараа средба со премиерот Димитар Ковачевски при што го повикаа да биде медијатор во решавањето на проблемот.
Градоначалничката Арсовска неколкупати на прес-конференции тврдеше дека Градот Скопје нема никаков долг кон приватните превозници и дека тие се одговорни само за издавањето на лиценците за работа, при што не одговараше дали ЈСП Скопје има долг кон приватните превозници, кој беше утврден откако УЈП изврши контрола во работењето на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, двете компании кои се посредници меѓу Градот Скопје и ЈСП Скопје и приватните превозници.
Инаку кон крајот на минатата година, откако приватните превозници повеќе не возеа на доделените линии, бидејќи немаа повеќе финансиски средства и не можеа да го издржат товарот, Градот Скопје објави два јавни повици на кои се побаруваа автобуси и возачи за 5 линии, но никој од приватните превозници не се пријави на нив, по што тие пропаднаа.
Фото: Илустрација