Водителката на подкастот на Би-би-си, Дебора Џејмс, почина по борбата со ракот на дебелото црево, пренесува „Сан“. Таа имала само 40 години.
Ракот во четвртиот стадиум ѝ бил дијагностициран неколку дена пред Божиќ 2016 година. Тажната вест за нејзината смрт е објавена на нејзиниот инстаграм-профил.
„Со длабока тага ја објавуваме смртта на Дебора Џејмс, најневеројатната сопруга, ќерка, сестра, мајка. Дебора почина денеска, опкружена со своето семејство“, пишува во објавата.
„Дебора, која многумина од вас ќе ја знаат како Bowelbabe, беше инспирација и ние сме неверојатно горди на неа и нејзината работа и посветеност на добротворни кампањи, собирање средства и нејзините бескрајни напори да ја подигне свеста за ракот што допре до толку многу животи. Ви благодариме што ни дадовте време приватно како семејство“, заклучуваат во соопштението.
Дебора пред една година ја информираше јавноста дека тестовите што ги направила во болница во Лондон покажале загрижувачки резултати. „Вистина е дека мојот рак всушност никогаш не исчезна. Накратко заспа, но сега се врати и овој пат лековите не делуваат“, напиша таа тогаш за „Сан“.
Минатиот месец таа објави дека го прекинала лекувањето и дека е на здравствена нега. „Никој не знае колку време ми преостанува, но не можам да одам, спијам повеќето денови и можам само да сонувам за работите што ги земав здраво за готово сега. Знам дека направивме сѐ што можевме“, напиша тогаш во објавата на социјалните мрежи во тоа време.