Во Киев денеска, непосредно пред почетокот на самитот ЕУ-Украина, се огласија сирените кои предупредуваат на можност од воздушен напад, јавуваат дописниците на француската новинска агенција АФП. Лидерите на институциите на ЕУ и Украина денеска ќе разговараат за поддршката на Украина на нејзиниот пат кон ЕУ и во справувањето со руската агресија.
По средбата во четвртокот меѓу Европската комисија и украинската влада, на која Брисел го поздрави напредокот на Украина на нејзиниот пат кон ЕУ, самитот ЕУ-Украина се уште се одржува денеска. Меѓу темите на состанокот се натамошната поддршка за Украина во нејзиниот пристап кон Унијата и во борбата против руската агресија, обновата на Украина и обезбедувањето одговорност за воените злосторства.
Новинарите на АФП кои се наоѓаат во главниот град на Украина јавуваат дека непосредно пред почетокот на самитот се огласиле сирените кои предупредуваат на можноста од воздушен напад. Потоа од Киев се проширија низ целата земја, пренесува Франс прес.
Една од главните теми на денешната средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Жозеп Борел, ќе биде приближување на Украина кон ЕУ.
Пред средбата со Зеленски и со претседателот на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет на Твитер напиша дека ЕУ „никогаш нема да ја ослабне својата решителност“ во поддршката на Украина. „Ние исто така ќе ве поддржуваме на секој чекор од вашето патување кон ЕУ“, додаде тој.
Украинскиот претседател Зеленски пред самитот во Киев повика на зголемен притисок врз Русија. Во своето вечерно обраќање во четвртокот, тој рече дека стратешки веќе е можно да се предвиди поразот на Русија во војната во Украина, но тактички Москва сè уште бара начини да го промени текот на војната. Зеленски во својот говор истакна и дека неговата земја заслужува да ги започне пристапните преговори со Европската унија оваа година. „Само силна Украина и силна Европска унија можат заедно да го заштитат животот што ние го цениме“, рече тој.
На маргините на состанокот на европските комесари и украинските министри во четврток, претседателот на Комисијата истакна дека напредокот на Украина на нејзиниот пат кон ЕУ е за восхит. На денешниот самит, на кој двете страни ќе усвојат и заедничка изјава, според извори од ЕУ, се очекува признание на Украина за напорите што веќе ги направила на полето на реформите, како и охрабрување да продолжи на овој начин.
На дневен ред на седницата е натамошната поддршка на Украина на економски, финансиски и воен план. Веројатно ќе зборуваат и за дополнителни санкции против Русија. Фон дер Лајен во четвртокот објави дека ЕУ сака да го воведе десеттиот пакет санкции до годишнината од руската инвазија на 24 февруари. На самитот се очекува ЕУ да го поддржи мировниот план на украинскиот претседател, а ќе разговараат и за повоената обнова на земјата и за обезбедување одговорност за воените злосторства во Украина. Комисијата веќе најави формирање на меѓународен центар за гонење на кривичното дело агресија. Тие ќе разговараат и за обезбедување на безбедноста на храната ширум светот.