Иако бележи напредок, Европската Унија треба да вложи дополнителни напори за да ги постигне зацртаните цели за намалување на стакленичките гасови, порачаа денеска од Европската Комисија.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Европската Комисија денеска усвои извештаи за напредокот на климатската политика во ЕУ во 2021. Извештаите покажуваат дека домашните стакленички емисии се зголемиле за 4,8 отсто во 2021 во споредба со 2020. Ниската стапка на емисии во 2020 најверојатно се должи на пандемијата од ковид и намалената економска активност.
Ако се земе периодот пред пандемијата тогаш стапката на емисии останува на 4 отсто под таа во 2019, стои во извештајот на Комисијата.
Во споредба со 1990 година стапката е под 30 отсто во 2021. Со ова “ЕУ е на добар пат”, вели Европската Комисија, но потребно е брзо да се преземат мерки за да се постигне целта на намалување на стакленичките емисии за 55 отсто до 2030. Ова е амбицијата на Зелениот Договор на ЕУ.
Потпретседателот на Европската Комисија, Франс Тимерманс, истакна дека светот се соочува со кризи без преседан: пандемијата и војната во Украина, кои придонесоа за рекордни инфлациски стапки во Европа, но климатската криза не запира.
Тимерманс повика да се продолжи со работата за спречување на климатските промени преку мерките на Европската Комисија и да се постигнат целите на климатска неутралност, зацртани на почетокот на мандатот на оваа Европска Комисија.
– Не треба да имаме илузии дека оваа транзиција ќе биде лесна, но човечката и економската цена само ќе се зголемува ако не преземеме ништо, едноставно не смееме да си дозволиме да бидеме спори – рече потпретседателот на ЕК.