Струјата сигурно ќе поскапи, но дали тоа ќе биде за 10 или за повеќе проценти ќе зависи од тоа колку владата е подготвена да ги финансира загубите во работењето на ЕСМ, дали компанијата ќе успее да ги произведе потребните количества струја и колкав ќе биде увозот, велат експерти и познавачи на состојбата во енергетскиот сектор.
Според нивните очекувања, кои се базираат на состојбата во која се наоѓаат домашните производни капацитети, ЕСМ нема да може да произведе 100 отсто од потребната струја, туку некаде околу 50 отсто, а цената која ќе ја побара од ЕВН Хоум многу ќе зависи од увозот.
Спиро Мавровски, поранешен директор во РЕК Битола вели дека ЕСМ може да побара цена за струјата колкава што сака, но во прашање е дали ќе го произведе бараното количество на струја.
– Каква цена може да побара ЕСМ зависи од повеќе фактори, но главно е какво ќе биде производството кое од година во година е сè помало. Проблемот е сериозен, зашто цената овој пат нема да зависи од домашното производство, туку од увозот кој треба да го дополни она што не е произведено во земјава. ЕСМ, според она што сега го имаме, а тоа е лоша состојба на производните капацитети, слаба хидролошката состојба и високи трошоци за мазут и јаглен во производството на РЕК Битола на кој се потпира, како и последните поплави кои ја влошија состојбата во термоелектраната, ЕСМ нема да може да произведе ниту 50 отсто од потребната електрична енергија за домаќинствата. Значи ќе мора да увезува струја и повторно да се трошат пари на граѓаните. Досега граѓаните преку буџетот го финансираа ЕСМ со 14о милиони евра за да увезе струја, а колку ќе бидат потребни за следниот период може да се претпостави со оглед на состојбите на пазарот на електрична енергија. Според тоа, ЕСМ може да побара каква што сака цена за струјата, но дали ќе успее да ја произведе во бараните количини – вели Мавровски.
Тој го повтори ставот на повеќето експерти дека многу поголеми проблеми со струјата ќе имаме на есен и со почетокот на периодот на греење, кога потребите ќе бидат повисоки и дека начинот на плаќање на струјата преку блок-тарифи е добар, ако добро се обмисли.
И професорот Константин Димитров вели дека е неминовно зголемувањето на цената на струјата, а процентот ќе зависи од тоа колку државата е подготвена да ја финансира загубата и неработењето на ЕСМ.
– Моментално не може да се претпостави за колкав процент ќе биде поскапувањето на цената на струјата, бидејќи не се знае ниту колку е подготвена државата да ги покрие загубите на ЕСМ. Но, се знае дека добар дел од потребната електрична енергија ќе мора да се увезе, поради лошото работење на ЕСМ и високите загуби кои ги прави во работењето, а ништо не се презема да се подобри производството, иако има капацитети кои треба да се оспособат за работа. Значи, доколку не ја произведеме струјата, немаме можност да ја намалуваме цената, а колку ќе купуваме повеќе толку може да се очекува поголем процент на покачување на цената за граѓаните – вели Димитров.
Тој смета дека и овој пат власта ќе се обиде да обезбеди помал процент на зголемување на цената, за да не направи голем притисок врз граѓаните.
– Но, како и да биде, сепак граѓаните на крајот ќе го платат цехот преку плаќањето на долговите кои ќе ги направи владата со финансирањето на загубите на ЕСМ, а владата ќе се обиде преку штедење на струјата да го намали лошиот ефект – вели Димитров.
Регулаторната комисија за енергетика до крајот на месецов ќе треба да ја утврди цената на струјата која граѓаните ќе ја плаќаат од 1 јули и да ги утврди деталите за блок-тарифите во кои треба да се распределат домаќинствата според нивната потрошувачка на струја. Тоа ќе се знае по јавната расправа која допрва треба да се организира. Се знае само дека регулаторите имаат намера да го стимулираат штедењето на струја преку скалест систем на цени, во кои тие што трошат повеќе да плаќаат повеќе.
Претседателот на регулаторната комисија Марко Бислимоски најави дека поради дубари на општините со потрошувачката на струјата за јавно осветлување, во старт ќе има зголемување на цената од 10 отсто, но не е познато колкаво зголемување на цената побарале енергетските компании кои учествуваат во формирањето на регулираната цена на струјата. Тие, според информацијата од Регулаторната комисија, веќе ги доставиле извештаите за работата и трошоците, со барањата за зголемување на цената на струјата. Моментално само МЕПСО јавно објави дека има зголемени трошоци од 68 отсто, а останатите компании го сметаат тоа за деловна тајна.
Сега, според регулаторите, од голема важност е каква цена на струјата ќе понуди ЕСМ за ЕВН Хоум и процентот кој треба да го обезбеди македонскиот производител на струја како и дали владата ќе продолжи да ја финансира разликата од утврдената и производната цена на струјата.
Според законот за енергетика, ЕСМ годинава треба да обезбеди 65 отсто на струја за ЕВН Хоум, а останатото производство да го продава на отворен пазар, но РКЕ бара ЕСМ да обезбеди 100 отсто од потребите на струјата за домаќинствата за да се обезбеди помал процент на зголемување на цената. Моменталната цена на струјата што ЕСМ ја продава на ЕВН Хоум е 41 евро за мегават. Во јануари цената на струјата се зголеми за 9,4 отсто, но се укина дневната евтина тарифа.
Во крајната цена на ЕВН Хоум, пак, не влегува само цената на струјата што ќе ја понуди ЕСМ. Таа учествува со 33 отсто во крајната цена. Во неа се пресметуваат и трошоците за загубите на МЕПСО кои учествува со 3,5 отсто во цената, како и трошоците на загубите на Електродистрибуција, која учествува со 36 отсто во цената.
Во крајната сметка, пак на домаќинствата, ќе влезе и намалениот ДДВ за струјата од 5 отсто кој ќе важи до крајот на годината, односно до новите пресметки на цената на струјата за следната година како и маржата што ја пресметува ЕВН од 11, 5 отсто.