Невидениот бран на обилни врнежи што зафати голем дел од американската сојузна држава Калифорнија претвори цели населени места во езера, поплави бројни згради и загинаа најмалку 17 луѓе.
Моќното невреме предизвика силен ветер, силен дожд и снег, како и поплави и лизгање на земјиштето, а десетици илјади домови останаа без струја. Околу пет милиони луѓе беа во опасност од поплави во средата, додека се предвидува доаѓање на уште едно големо невреме, јавуваат локалните медиуми.
Северна Калифорнија беше погодена од седмиот последователен бран обилни врнежи од Божиќ во средата, што ја влоши ситуацијата во државата.
Додека потопот во средата беше релативно мал, со помалку врнежи од дожд и претежно ограничен во северозападна Калифорнија, синоптичарите очекуваат уште едно невреме да го погоди поголемиот дел од државата овој викенд и да трае до 17 јануари.
Официјални лица објавија дека досега 17 лица загинале во државата поради обилните дождови и невремето, пренесоа американските медиуми. Смртните случаи најчесто се предизвикани од сообраќајни несреќи, паѓање дрвја и поплави поради лошите временски услови.
Експертите проценуваат дека невремето досега предизвикало штета од една милијарда долари. Повеќе од половина од окрузите во Калифорнија прогласија состојба на природна катастрофа.
Американскиот претседател Џозеф Бајден на 8 јануари одобри прогласување вонредна состојба поради силните бури, ветрови и дождови во сојузната држава Калифорнија.