Две македонски семејства во моментов се евакуираат од Одеса во Украина, со помош на Бугарија, а се нудат и конзулатите на Романија и Унгарија во градот. Се очекува семејствата да пристигнат во текот на денот во Бугарија, од каде ќе дојдат дома.
„Во контекст на истата соработка, упатуваме апел до нашите граѓани кои се наоѓаат на територијата на Украина, доколку се во можност, да се упатат во Одеса, во просториите на Генералниот Конзулат на Република Бугарија, од каде сè уште има активни коридори за евакуација“, апелираат од МНР.
Исто така, воспоставена е соработка и со властите на Романија и Унгарија кои ќе пружат асистенција за евакуација на други наши сограѓани кои се наоѓаат во Украина.
„Граѓаните кои се во можност треба да се упатат во западниот дел на Украина, кон Конзулатите на Романија во Солотвино и Чернаути, како и кон конзулатите на Унгарија во Узгород, Берегове и Мукачево. Информираме дека на овие локации ќе им биде пружена дополнителна помош и асистенција во насока на нивна евакуација од Украина преку овие земји. Во постојан контакт сме и со Властите во Молдавија, од каде исто така имаме добиено потврда за вклучување на нашите државјани во евентуалните нивни коридори за евакуација“, велат од МНР.
Од Министерството додаваат дека е активиран и механизмот за цивилна заштита на ЕУ и доколку се воспостават други коридори за безбеден излез од унгарска територија дополнително ќе информираат.
До македонските граѓани кои не оставиле свои податоци МНР апелира веднаш да го контактираат Министерството за да дадат прецизни информации за нивната локација и состојба со цел да се обезбеди што е можна побрза евакуација.
Дежурниот телефонски број кој постојано е активен во МНР е: +389 75 273 732.