Аргентина го има Лионел Меси, ама Полска го има Војчех Шчесни. Ако ништо друго, Шчесни е тука за да го спаси голот со една неверојатна одбрана и да овозможи на полувреме да заминат играчите во соблекувалните со нерешен резултат.
Во целиот вчерашен натпревар доминираа Аргентинците, но најголем впечаток остави токму одбраната на Шчесни, кој успеа да го скроти пеналот на Меси.
Ситуацијата во најмала рака беше спорна, меѓутоа на крајот по прегледувањето на ВАР снимката судијата донесе одлука да досуди пенал.
Интересен разговор помеѓу Меси и Шчесни имало додека ја чекале одлуката. Голманот на Јувентус бил убеден дека нема да има пенал, па се обложил со Меси во 100 евра.
– Пред пеналот разговаравме и му кажав дека се обложувам во 100 евра дека нема да биде пенал. Така го изгубив облогот и треба да му ги дадам тие 100 евра на Меси. Не знам дали тоа е дозволено на Светско првенство, можеби ќе бидам суспендиран. Но, не ми е гајле. Ама, секако нема да му платам. Гајле му е на Меси за 100 евра – прокоментира Шчесни со што ги изнасмеа присутните.
Инаку, по натпреварот, Меси проговори и за соборувањето на рекордот на Диего Армандо марадона за натпревари во националниот тим.
Натпреварот одигран синоќа против Полска беше 22-ри за Меси кој игра за ПСЖ и кој го надмина Диего Марадона по бројот на настапи на Светските првенства и постави рекорд за Аргентинците.
– Неодамна дознав за тоа, не знаев. Убаво е да се постави таков рекорд. Мислам дека Диего би бил супер среќен за мене бидејќи секогаш се однесуваше кон мене со голема љубов. Секогаш беше среќен кога работите ми одеа добро – изјави Меси.
Аргентина во осминафиналето ќе се сретне со Австралија.