Британскиот актер Џулијан Сендс (65) исчезна минатиот петок додека планинареше на планината Болди во Калифорнија, соопшти канцеларијата на шерифот во Сан Бернардино.
Откако на 13 јануари му се изгубиле сите траги, спасувачите излегле на терен, но потрагата морала да биде прекината поради лошите временски услови и опасноста од лавина, објаснила портпаролката на канцеларијата на шерифот, пренесе Си-Ен-Ен. Потрагата потоа беше продолжена со дронови, но поради временските услови и таа беше ограничена, додаде таа.
Канцеларијата на шерифот во Сан Бернардино ги предупреди планинарите да ја избегнуваат планината Балди поради силните ветрови и мразот, а во објавата на Фејсбук се вели дека спасувачките тимови морале да реагираат на планината и околината 14 пати во изминатите четири недели.
„Овие спасувачки мисии беа за изгубени, заглавени или повредени планинари. За жал, во текот на претходните четири недели, двајца планинари не го преживеаја падот. Неодамнешните снежни и ледени бури не се погодни за планинари, дури и за оние кои мислат дека се многу искусни“, соопшти канцеларијата на шерифот.
Сендс е познат по филмовите „Room with a View“, „Fields of Death“, „Leaving Las Vegas“, а една од последните улоги му беше во серијата „What/If“ на Нетфликс.