Познатата слика „Три фигури“ на Ана Лепорскаја е испратена на реставрација откако било утврдено дека чуварот на неа цртал со хемиско пенкало на неговиот прв работен ден. Делото било дел од изложбата на апстрактна уметност во претседателскиот центар „Борис Елцин“ во Екатеринбург, а е во сопственост на галеријата Третјаков во Москва.
Вредната авангардна слика била оштетена од „суетниот“ чувар на кого му привлекле внимание безличните фигури на уметничкото дело во руската галерија. Посетителите го забележале оштетувањето на сликата уште во декември, но поради „мала“ штета полицијата не сакала да реагира, а сега е утврдено кој е вандалот.
„Три фигури“ на Ана Лепорскаја е насликано помеѓу 1932 и 1934 година и осигурано на 75 милиони рубљи (1,3 милиони долари, 740.000 фунти).
Александар Дроздов, извршен директор на Центарот „Елцин“, не го објавил името на чуварот, но рекол дека тој работел за приватна компанија за обезбедување и дека бил отпуштен. Кураторката на изложбата, Ана Решеткина, изјавила дека сликата била вандализирана со „пенкало од брендот на Центарот Елцин“. Мастилото малку навлегло во слојот на бојата „бидејќи титаниумската бела боја што се користи за сликање лица не е покриена со лак, како што тоа често се случувало во тогашното апстрактно сликарство. За среќа, вандалот цртал со пенкало без силен притисок, па релјефот во целина не е нарушен. Левата фигура имаше и мал слој боја на лицето“, напишал Иван Петров во „Арт весник“.
На 7 декември вандализмот први го забележале двајца посетители кои алармирале кај вработен во галеријата. Сликата била отстранета од изложбата и вратена во галеријата Третјаков во Москва. Експертите за реставрација во Третјаков процениле дека реставраторската работа би чинела 250.000 рубли (4.600 долари). Центарот „Елцин“ ја пријавил штетата во полиција на 20 декември, но Министерството за внатрешни работи на Екатеринбург првично одбило да поднесе тужба бидејќи штетата била оценета како „незначителна“.
Руските медиуми објавиле дека Министерството за култура подоцна се пожалило до Јавното обвинителство поради нереагирање, а минатата недела полицијата објавила дека отворила истрага. На осомничениот му се заканува парична казна и затвор до три месеци. Оттогаш, Центарот „Елцин“ поставил заштитни паравани врз останатите дела на изложбата.
Ова не е прв пат сликата да биде вандализирана во Русија. Во 2019 година еден човек бил осуден на две и пол години затвор откако ја „нападнал“ сликата на Иван Грозни во Третјаков, откинувајќи ја со шипка од оградата која го штитела делото. Истото дело било нападнато и во 1913 година од ментално болен човек кој го расекол три пати со нож.