Повторно возило во пламен во Прилеп, овој пат горело семејното возило на Раководителка на Сектор за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во Општина Прилеп, Васе Никоска.
Во краткиот телефонски разговор за Канал 77, Никоска потврдила дека возилото од марка „пежо 206“, паркирано пред куќата, е запалено ноќеска околу 2 часот.
Прва забележала нејзината ќерка, а потоа и сопругот на Никоска.
– Ова е порака. Повеќе од материјалната штета е стравот и стресот што го преживуваме – изјавила Никоска.
Таа вели дека не знае кој може да го предизвикал пожарот. Не знае ниту кому му се има замерено.
Од СВР Битола преку соопштение го потврдија немилиот настан и информираат дека се работи за расчистување на случајот
– На 21.07.2022 во СВР Битола – ОВР Прилеп е пријавено дека околу 01.00 часот на ул„Киро Нацевски Фетак“ настанал пожар во патничко моторно возило „пежо“, со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Н.Р.(65) од Прилеп. Пожарот е изгаснат од страна на територијалната противпожарна единица Прилеп, а повредени лица нема. Увид изврши увидната екипа на ОВР Прилеп – велат од СВР Битола.
Ноќ претходно гореа две возила на пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Петар Ристески. Претходно изгоре и автомобилот на директорот на ЈКП „Koмуналец“ од Прилеп.