More

    Пејчиновски: Корпоративната обврзница е потврда за успехот на СН Осигурителен Брокер

    spot_img

    СН осигурителен Брокер АД Битола, и покрај кризата предизвикана од пандемијата на ковид, ја заврши 2021 година со позитивен финансиски резултат. Како ги оценувате деловните резултати?

    Пејчиновски: Тоа секако не беше и сè уште не е лесен период за бизнис-секторот, но Осигурителното брокерско друштво СН Осигурителен Брокер успешно ги задржува лидерските позиции дури и во овие тешки времиња. Имено, друштвото уште од основањето има извонреден развоен капацитет проследен со значителни стапки на раст поддржани од високи годишни амплитуди на бруто-полисирана премија и веќе по првата година од функционирањето се позициониравме на врвот на осигурително брокерскиот сегмент на пазарот на осигурувањето во државава. Оттогаш континуирано сме на лидерската позиција во сегментот на осигурително брокерските друштва во Републикава по сите параметри, и тоа бруто-полисирана премија, број на експозитури и вработени, територијална покриеност и број на вработени лиценцирани осигурителни брокери.
    Двоцифрениот раст на продажбата директно условува и раст на добивката низ годините. Континуираниот раст на бруто-полисирањето е јасен показател за сигурноста и стабилноста на СН Осигурителен Брокер. За илустрација, ако на почетоците во 2015 година бруто-полисираната премија изнесуваше 58 082 067,00 денари, растот е јасно видлив од тоа што во 2021 година друштвото оствари блиску 800 000 000 бруто-полисирана премија.

    Изминатиов период за СН Осигурителен Брокер помина и во знак на реализирање на корпоративна обврзница. Какво е нејзиното значење?

    Пејчиновски: Тоа е од историско значење бидејќи компанијата стана првиот правен субјект од нефинансискиот сегмент на националната економија кој издава долгорочни хартии од вредност − корпоративна обврзница. На некој начин го скршивме мразот и се надеваме дека нашиот пример ќе го следат и други економски субјекти во нашава држава.
    Издавањето на долгорочни должнички хартии од вредност по пат на јавна понуда прва емисија на корпоративни обврзници е одобрено со Одлука бр. 02-300/20 од 10.5.2021 година донесена од Собранието на акционери на СН Осигурителен Брокер и одобрена со Решение на Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија УП бр. 10-84 од 9.8.2021 година.
    Предмет на јавната понуда беше првата емисија на 8 000 долгорочни должнички хартии од вредност, односно корпоративни обврзници. Номиналната вредност на корпоративната обврзница е 10. 000 денари по лот во вкупен номинален износ од 80 милиони денари. Еден лот е една обврзница. Продажбата се вршеше по пат на јавна понуда преку Македонска берза АД Скопје, согласно Правилата за тргување на берзата од Анекс 3, според моделот на фиксна цена со давање приоритет на налози со порано време на внес на налогот во БЕСТ-системот. На 12 август минатата година, Поканата за запишување и уплата на долгорочни должнички хартии од вредност согласно правилата друштвото ја објави во еден од дневните весници во Републикава. Проспектот и поканата беа објавени и на веб-страниците на друштвото и на Македонската берза.
    На 26 август 2021 година започна шестмесечниот рок за издавање на долгорочни должнички хартии од вредност по пат на јавна понуда. Заклучно со 26 февруари 2022 година, од понудените 8. 000 корпоративни обврзници продадени се вкупно 7 583 хартии од вредност за износ од 75 830 000,00 денари. Тоа значи дека обврзницата е успешна, односно реализацијата е 94,7875 %.

    Кога ќе започне првата исплата на каматата за имателите на обврзници и колку изнесува таа?

    Пејчиновски: Првата исплата на каматата ќе започне по истекот на 12 месеци од денот на упис на обврзниците во Централниот депозитар за хартии од вредност, а ќе заврши по истекот на 5 години. Главницата ќе се исплати во целосен износ заедно со последната исплата на камата во рок од 3 дена по денот на достасување на обврзницата, односно по истекот на 5 години од денот на успис на обврзниците во Централниот депозитар за хартии од вредност врз основа на долгорочните должнички хартии од вредност – корпоративна обврзница. Висината на каматната стапка е 6 % на годишно ниво, фиксна за целиот период.

    По успешно реализираната обврзница, каде ќе бидат инвестирани средствата и какви се проекциите за натамошен раст и развој на друштвото?

    Пејчиновски: Основите за раст и развој се проектирани во Бизнис-планот за периодот 2021 − 2025 година. Бизнис-патоказот е оформен откако стручната анализа на топ менаџментот покажа дека друштвото го достигна максималниот развој во рамките на постоечката структура и вложувања и дека е потребен нов инвестициски развоен бран. Ова предвидува започнување петгодишен развоен циклус кој се темели на пет столба, и тоа во сегментот на: информациските и комуникациските технологии, засилување на операциите во град Скопје, како и нови инвестиции, вклучително и интернационални.
    Највисоките стандарди за информатичка и комуникациска безбедност во осигурителниот сектор, кои стапија на сила во 2021 година, налагаат значителни инвестиции во современи софтверски и хардверски решенија и во високоедуцирани информатички експерти. Друштвото ги задоволува највисоките стандарди за информатички и комуникациски технологии поставени од регулаторот, но и од пазарот, и во моментов има изразена компаративна предност во оваа област пред другите конкуренти. Оттука целта на инвестицијата во првиот столб е да ја удвоиме таа предност така што ќе ја потврдиме определбата на друштвото за развој во овој сегмент заради суштински развој, а не само поради законската обврска.
    Воедно друштвото перманентно користи иновативни софтверски решенија и во таа насока разви и користи сопствени компјутерски апликации за интернет-продажба на полиси и пријавување на штетни осигурани настани, како и апликации за организирање и водење на работата во секторите за финансии, сметководство, наплата и правни работи.

    Најавувате засилено позиционирање во град Скопје. Кои се главните аргументи за една таква сериозна инвестиција?

    Пејчиновски: Бидејќи друштвото го надрасна деловното опкружување на осигурително брокерско друштво регистрирано во внатрешноста, а кое ја покрива целата територија на Републикава, логичен чекор е засилено позиционирање во градот Скопје каде што е концентриран близу 51 % од осигурителниот пазар во земјава. Оттука предвидуваме отворање на практично дополнителна дирекција на друштвото во град Скопје и сопствена станица за технички преглед, исто така во Скопје.
    Потенцијалот за проширување го гледаме во адекватноста на специјалните понуди на друштвото во незадолжителните класи на осигурување. Се работи за пакети изготвени соодветно на потребите на населението и на компаниите. Тука, пред сè, мислам на приватното здравствено осигурување преточено во првиот пакет на осигурување од овој тип кај нас, „Eurohealth“, кој друштвото го застапува во соработка со Евроинс Осигурување АД Скопје, каско осигурување и имотно осигурување преку најдостапниот пакет од овој тип на пазарот, „СН Дом“, кој компанијата го разви и го застапува во соработка со Уника осигурување АД Скопје.

    На кој начин планирате да го решите кадровското и просторното прашање за едно вакво проширување?

    Пејчиновски: Ова предвидува релокација на постојните кадровски капацитети на друштвото од Битола во Скопје во нов современ деловен објект, но и ангажирање на нови човечки потенцијали од сферата на: финансиите, осигурувањето, техничко-технолошките сегменти и правото.
    Со примена на овој концепт, на територијата на град Скопје друштвото ќе изгради корпус на клиентела од овој сегмент. Тоа ќе придонесе за значителен раст на продажбата, особено затоа што од 500 000 патнички и моторни возила кои годишно подлежат на задолжителен технички преглед и осигурување од автоодговорност на територијата на град Скопје отпаѓаат околу 200 000 возила. За оваа цел е предвидена инвестиција во нов центар за технички преглед во Скопје, кој ќе биде организиран по моделот One Stop Shop кој функционира по принципот 24/7.

    Дел од бизнис-планот е и излез на меѓународниот пазар на осигурување. Каде предвидувате трансфер на досегашните искуства и знаења?

    Пејчиновски: Тоа опфаќа настап на нови пазари, примарно во ЕУ, но и во јурисдикции кои допрва ги воведуваат европските осигурителни стандарди. Петгодишниот деловен план предвидува инвестирање во 50 % од сопственоста во осигурително брокерско друштво во Република Бугарија заради исклучива ориентираност кон онлајн продажба на осигурување на домаќинство на територијата на ЕУ во рамките на FOE и FOS-механизмите на ЕУ. Се планира и основање сопствено осигурително брокерско друштво во Република Грузија која е меѓу последните земји каде што осигурувањето од автоодговорност сè уште не е задолжително, но нова регулатива е во постапка на донесување.



    ИНВЕСТ БРОКЕР: ОДЛУЧНОСТА И СМЕЛОСТА НА СН ОСИГУРИТЕЛЕН БРОКЕР ЌЕ ЈА ЗБОГАТИ ПОНУДАТА НА ФИНАНСИСКИ ИНСТРУМЕНТИ НА БЕРЗАТА

    Како дојде до соработка меѓу Инвестброкер АД Скопје и СН Осигурителен Брокер?

    ИНВЕСТ БРОКЕР: Инвестброкер АД Скопје е еден од првите и најстари учесници на пазарот на капитал во РСМ и единствена меѓу постоечките брокерски куќи со овластување од КХВ за извршување на сите услуги со хартии од вредност согласно ЗХВ, вклучувајќи ја и услугата за подготовка на нова емисија на хартии од вредност. Веруваме дека нашето долгогодишно искуство, традиција, квалитет и професионален пристап во работењето по кои сме препознатливи беа главен мотив за одлуката на СН Осигурителен Брокер токму нам да ни ја довери подготовката на нивната прва емисија на корпоративни обврзници. Соработката, како и секогаш, беше на високо професионално ниво со сите учесници во постапката.

    Објаснете ни ја накратко целата постапка и што значи практично.

    ИНВЕСТ БРОКЕР: Самата емисија на нови ХВ е многу комплексен проект кој се состои од повеќе фази. Прва и најбитна фаза е изработка на проспект, како најобемен и најважен документ, кој е наменет за пошироката јавност и е основа за донесување на одлуката за инвестирање во новоиздадените хартии од вредност. Потоа проспектот заедно со други придружни документи се поднесува до КХВ со цел да се добие дозвола за емисијата по што постапката се пренесува на Македонска берза каде што се застапува издавачот во запишувањето на хартиите од вредност. Целиот процес завршува со конечното порамнување и објавите кои следуваат.

    Ретко сме сведоци на нови јавни емисии на пазарот на капитал во РСМ. Кој е вашиот став за тоа?

    ИНВЕСТ БРОКЕР: Задоволни и горди сме што првата емисија на корпоративни обврзници на издавачот СН Осигурителен Брокер, која е воедно и прва емисија на обврзници издадени од нефинансиско друштво, заврши успешно. Се надеваме дека одлучноста и смелоста на СН Осигурителен Брокер изворот на финансиски средства за своето работење да го побара на пазарот на капитал преку издавање на должнички хартии од вредност ќе биде позитивен пример и стимул и за други економски субјекти и дека ќе стане пракса која ќе заживее и ќе ја збогати понудата на финансиски инструменти на берзата. Со овој начин на прибирање на средства за раст и развој на фирмите, бенефитите ќе бидат видливи за сите учесници на пазарот на ХВ, како за издавачите кои, покрај свежиот капитал, добиваат и поквалитетна корпоративна култура, така и кај инвеститорите кои добиваат поширока лепеза на инструменти за правење на поквалитетно портфолио.



    КХВ: Јавната понуда од СН Осигурителен Брокер АД Битола претставува прва успешно реализирана јавна понуда на корпоративни обврзници во РСМ издадени од небанкарска финансиска институција

    Колку емисии на корпоративни обврзници беа одобрени од КХВ во 2021 година и колку од одобрените емисии завршија успешно?

    КХВ: Во текот на 2021 година, Комисијата за хартии од вредност одобри една емисија на долгорочни должнички хартии од вредност – обврзници по пат на јавна понуда, и тоа на Осигурителното брокерско друштво СН Осигурителен Брокер АД Битола. Во текот на февруари 2022 година, првата емисија на корпоративни обврзници се реализираше со 94,78 % на успешност. Јавната понуда од СН Осигурителен Брокер АД Битола претставува прва успешно реализирана јавна понуда на корпоративни обврзници во Република Северна Македонија, издадени од небанкарска финансиска институција. Во 2020 година немаше ниедна емисија на долгорочни должнички хартии од вредност – обврзници за разлика од 2019 година кога беа одобрени три емисии на различни видови обврзници од банки.

    Како влијаат емисиите на корпоративни обврзници на раздвижување на пазарот на капитал?

    КХВ: Корпоративните обврзници се полесен и поевтин начин за финансирање на проектите на компаниите, но домашната статистика покажува дека е мал бројот на компании од нашава земја кои се одлучуваат да емитираат корпоративни обврзници, што се потврдува и со бројките кои ги наведовме во одговорот на претходното прашање. Емисиите на корпоративни обврзници придонесуваат за креирање на нов материјал за тргување на берзите при што компаниите преку нив обезбедуваат средства за финансирање на инвестициските проекти за краток период, без притоа да ги менуваат сопственичката структура и интересите. Корпоративните обврзници овозможуваат флексибилност за компаниите поради тоа што може да се издаваат со различно времетраење, различна вредност, различни услови за враќање. Една од најголемите предности на корпоративните обврзници кои ги прави атрактивен финансиски инструмент во однос на сопственичките хартии од вредност е во тоа што тие обезбедуваат поголема сигурност во повратот на инвестираните средства, доверителски статус, односно во стечајна постапка имателите на обврзници се намируваат пред акционерите. Примамливоста за инвестирање во корпоративни обврзници произлегува и од предвидената каматна стапка која, доколку е над стапките на депозити на банките, придонесува за брза реализација на емисијата на обврзници, но и подоцна на секундарното тргување на овластените берзи.
    Од друга страна, издавањето на обврзница особено кога таа е издадена со јавна понуда значи понатамошно „отворање“ и зголемена транспарентност на компанијата, што пак ќе значи привлекување на потенцијални нови инвеститори кои ќе ги имаат потребните финансиски и нефинансиски податоци за таа компанија. Секако, ова ќе даде специфична тежина и важност за севкупниот раст и развој на една компанија, а со тоа и на пазарот на капитал како целина. Низ бројки, во изминатиов период на Македонска берза се тргуваше со корпоративните обврзници на неколку банки при што во 2021 година се реализираше вкупно промет од 197,32 милиони денари.

    Кои активности ги презема КХВ во насока на промоција на издавање на корпоративни обврзници од страна на компаниите, особено во насока на реализација на т.н. зелена агенда на Владата на РСМ?

    КХВ: Комисијата за хартии од вредност во соработка со Македонската берза АД Скопје, а со поддршка на ЕБРД, изработи нов Кодекс за корпоративно управување кој на некој начин е предвесник на новините кои допрва треба да ги актуелизираме на пазарот на капитал, а се поврзани со законодавната рамка на ЕУ за одржливо финансирање со која еколошките, социјалните и управувачките фактори стануваат информации релевантни за пазарот.
    Кодексот посветува цело поглавје на управувањето со животната средина и општествените прашања и управување (ESG). Тука би го споменале и Берзанскиот водич за известување ESG кој, покрај општите насоки за котираните друштва, е дизајниран и како специфична алатка за котираните компании која ќе има цел да биде целосно усогласена со новиот Кодекс за корпоративно управување. Треба да очекуваме дека со транзицијата на корпоративната култура и свест во правец на зелената агенда најпрвин котираните компании, а потоа и сите останати, ќе бидат главните протагонисти за издавање на „зелени“ обврзници. Ова го потенцираме од причина што сè повеќе начинот на кој ги третира компанијата климатските промени, вработените, клиентите и доставувачите и културата на корпоративно управување станува столб на кој се потпира инвеститорската доверба. Во перспектива, сè повеќе ќе добиваат важност нефинансиските извештаи на издавачите кои котираат на берза поврзани со објавување на еколошки цели, како на пример ублажување на климатските промени, односно адаптација кон климатските промени, превенција од загадување и здрав екосистем. Свесни сме дека за инвеститорите подеднакво се важни и прашањата поврзани со зелената агенда, па своите инвестиции активно ги насочуваат кон одржливи, зелени, општествено и менаџерски одговорни компании. Следејќи ги глобалните трендови и трендовите на ЕУ, Комисијата за хартии од вредност ја поддржува сè повеќе зелената агенда затоа што е исклучителна можност ако не во првите да се биде барем во понапредните пазари на капитал.
    Стратешки гледано, и во рамките на Стратегијата за развој на финансиските пазари со посебен фокус на пазарот на капитал е предвидено одделни зелени проекти да се финансираат преку издавање на наменска обврзница со рок и камата соодветни на проектите кои ќе бидат финансирани. Па така, преку активностите кои ги презема Комисијата за имплементација на стратешките цели, ќе се поттикнуваат компаниите за користење на овој финансиски инструмент за финансирање на еколошки проекти кои ќе придонесат во унапредување и заштита на животната средина.
    Комисијата за хартии од вредност ги охрабрува и ги поттикнува сите потенцијални издавачи на обврзници да не размислуваат премногу долго и да почнат да ги следат позитивните примери и искуства на странските издавачи за финансирање со излегување на берза затоа што, сепак, во овој процес тоа исклучиво зависи од нивната одлука.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img