Согласно мерките за намалување на трошоците на живот за граѓаните, Владата преку Министерството за транспорт и врски и Железници Транспорт АД-Скопје донесе одлука да се воведе бесплатен превоз во железничкиот сообраќај.
Во соопштението е наведено дека бесплатен превоз ќе има за млади лица до 27 години, секоја прва и трета недела во месецот, во период на викенд денови од петок од 12 часот, до понеделник до 12 часот.
Исто така, предвиден е бесплатен превоз на стари лица, жени од 62 години и мажи од 64 години секој втор викенд во месецот (петок, сабота и недела).
„Бесплатен превоз за студенти секој четврток. И бесплатен превоз за сите ученици во средното образование и тоа еднаш неделно во среда. Бесплатниот превоз се воведува од 1 мај 2022 година, согласно возниот ред на Железници Транспорт АД-Скопје за 2022 година. Со оваа мерка овозможуваме континуирана поддршка на граѓаните се со цел поттикнување на железничкиот сообраќај како најевтин и еколошки превоз“, наведено е во соопштението.