Во сите стручни комисии, тимови и делегации кои учествуваат во скринингот, а понатаму и во преговорите по поглавја, како членови да учествуваат и стручни лица од поединечни области кои ќе бидат предложени од политичките партии, предлага ВМРО-Народна партија, чиј лидер Љубчо Георгиевски вчера присуствуваше на лидерската средба во Собранието и истакна дека неговата партија ќе ги поддржи уставните измени.
„Во однос на преговарачкиот процес и скринингот кој што е во тек, ВМРО-Народна партија предлага во сите стручни комисии, тимови и делегации кои учествуваат во скринингот, а понатаму и во преговорите по поглавја, како членови да учествуваат и стручни лица од поединечни области кои ќе бидат предложени од политичките партии. На овој начин ќе се обезбеди и направи сеопфатен државен систем на стручни тимови кои одговорно и стручно ќе учествуваат во процесот на преговорите со ЕУ и со постигнување на конкретни резултати во своите области“, се вели во соопштението.
ВМРО-Народна партија, посочено е во текстот, вчера учествуваше на состанокот на политичките партии застапени во Собранието и истакна дека во своите определби и програмски цели е за целосна интеграција на земјава во НАТО, што е патем постигнато и го докажуваме со државните активности и Северна Македонија – земја членка на Европската Унија, чиј процес е веќе започнат преку договорот за почеток на преговорите и започнатиот скрининг процес.
„ВМРО-Народна партија е меѓу првите политички партии која го поддржа и гласаше ЗА европскиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ во јули оваа година. Во овој процес поддржуваме и придонесуваме со своето дејствување за побрзо и поуспешно завршување на, во прво време скринингот, а потоа и преговорите по поглавја. ВМРО-Народна партија активно ќе поддржи промена на Уставот во насока на пристапните преговори со ЕУ, со проширување и додавање во Уставот како на Бугарите, Хрватите и Црногорците така и на сите останати делови од народи кои ќе изразат воља и барање да бидат застапени во самиот Устав. На овој начин суштински ќе докажеме дека Северна Македонија е демократска држава која ги почитува правата на народите кои се застапени и живеат во државата, а со тоа се почитуваат и европските вредности за демократизација на општеството“, наведено е во партиското соопштение.