Рускиот претседател Владимир Путин би можел да го смени името, односно неговата титула. Тој нема да биде „претседател“, туку „владетел“, што е збор поблизок до руската култура, пишува Њузвик. Вака бара националистичката Либерално- демократска партија (ЛДПР) во земјата. Рускиот збор за „владетел“ е „правител“, што би рекле на македонски, „управител“.
Но, за Кремљ ова е нова идеја.
– Тоа е нова идеја. Немаме став за ова прашање – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Од партијата ЛДПР рекле дека користењето на терминот „ претседател“ „секогаш нѐ засрамувало“ како Руси. Партијата тврди и дека терминот првпат бил употребен на крајот на 18 век во САД, а „многу подоцна се проширил низ светот“.
„Кај нас, според историските стандарди, ова (претседател) е генерално нов збор и додека не се вкорени целосно, можете безбедно да го замените. На пример, со фразата „шеф на државата“ или зборот „владетел“. И двата се поразбирливи за руското уво“, велат од ЛДПР.
Предлогот на ЛДПР доаѓа четири месеци откако Русија е во војна со Украина. Тие сметаат дека по војната Русија треба да замени еден куп западни термини кои влегле во рускиот јазик.