Пазарот за неживотно осигурување лани порасна за 16 отсто во споредба со 2020 година. Осигуреници вложија 156,5 милиони евра во сите 18 класи на неживотни осигурувања. Тоа е за 21 милион евра повеќе во споредба со 2020 година. Граѓани, фирми, здруженија и инстиуции лани склучиле речиси 1,5 милиони договори за осигурување. Тоа е за 30 отсто повеќе во споредба со 2020 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување.
– Вложувањата во осигурување неживот лани се поголеми и во однос на 2019 година што укажува на тоа дека осигурителната индустрија во целост закрепна од негативните влијанија и бројните ограничувања предизвикани од здравствената пандемија во 2020 година – велат од АСО.
Според податоците на Агенцијата, во осигурување имот, најголема доброволна класа на осигурување, лани граѓани и правни лица вложиле вкупно 35,2 милиони евра. Тоа е за 16,5 отсто односно повеќе во однос на претходната година. Корпоративниот сектор своите вложувања во осигурување имот лани ги зголемил за 10 отсто и тие достигнале 24,2 милиони евра.
– Очекувано најголем раст лани има кај патничкото осигурување. Вложувањата во овој осигурителен продукт достигнаа 2,4 милиони евра. Тоа е за 94 отсто повеќе од 2020 година кога, поголем дел од годината, заради глобалната здравстена пандемија предизвикана од вирусот COVID – 19 речиси сите патувања беа сведени на нула – велат од АСО.
Интензивен раст на вложувањата е карактеристичен и за приватното здравствено осигурување – најбрзорастечкиот осигурителен производ од почетокот на здравствената криза до сега. Во оваа класа осигурување граѓани, фирми и институции вкупно вложија 6,6 милиони евра , што е за 48 отсто повеќе од пандемиската 2020 година.
Со умерен раст се карактеризираат и вложувањата во каско осигурување на моторни возила. Вкупно во таа класа лани се вложени 14,5 милиони евра што е за 8 отсто повеќе од претходната година.
Кај најголемата осигурителна класа – автомобилското осигурување, кое е задолжително со закон, лани продажбата на полиси достигнала 78,6 милиони евра. Тоа е за 17 отсто повеќе од 2020 година.
– Значајно за истакнување е тоа што сите 11 компании за неживотно осигурување бележат раст на продажбата на осигурителни полиси што укажува на јакнење на пазарната конкуренција во секторот неживотно осигурување – велат од Агенцијата.
Кај „Триглав осигурување“, АДОР „Македонија“ ВИГ и „Осигурителна полиса“ бруто полисираните премии пораснале до 10 отсто во однос на 2020 година. Кај „Граве неживот“, „Винер ВИГ“ „Евроинс осигурување“, „Еуролинк “ и „Сава осигурување“ премиите растеле меѓу 10 и 20 отсто. Бруто премиите на „Халк Осигурување“ и „Уника“ лани пораснале над 20 отсто, а на „Кроација осигурување – неживот“ се зголемиле за повеќе од 40 отсто во споредба со 2020 година.